Претседателот на Владата на Македонија, Димитар Ковачевски, преку напис на Фејсбук вели дека со голема загриженост се следи ситуацијата во Косово, додава дека, државните институции се во постојана комуникација и координација со нашите сојузници и стратешки партнери.

– Настаните кои се случија денес силно ги осудувам, и изразувам целосна поддршка на КФОР за сите идни активности кои се во насока на гарантирање на мирот и стабилноста во Косово и регионот. Во однос на безбедносната состојба во државата, граѓаните може да се спокојни – таа е стабилна, без никакви индикации за можни нарушувања. Сите институции задолжени за безбедноста будно ја следат состојбата. Воедно согласно информациите споделени помеѓу безбедносно разузнавачките служби во земјата како и информациите добиени од службите на нашите сојузници во НАТО алијансата, не постојат индиции кои укажуваат на нарушување на безбедноста во Македонија, наведува премиерот Ковачевски.

Тој, апелира за деескалација на настаните во Косово и на продолжување на дијалогот и решавање на сите отворени на мирен и демократски начин.

– Клучно е забрзувањето на евроатлантските интеграции на Западен Балкан, тоа е единствениот начин за обезбедување напредок и стабилност во регионот, како и намалување на влијанието на дестабилизирачки трети страни. Регионот мора да оди напред, граѓаните заслужуваат просперитет, подобра иднина и подобар животен стандард, нагласува премиерот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.