Скрининг процесот започна. Нашите тимови се во Брисел, каде детално се гледа нашето законодавство преку професионални тимови. Ги повикувам сите општествени чинители да се исправат пред предизвикот на пресудните моменти за заокружување на нашата државност, преку полноправното зачленување во Европската Унија, порача денеска премиерот Димитар Ковачевски.

Според премиерот, нашата земја е соочена со големи предизвици и се наоѓа во пресудни моменти во кои се одредува нашата иднина.

Како државотворна партија и одговорни лидери и предводници на сите основачки одлуки од независноста за независна, еднаква и евроатланска земја во последните три децении, сметам дека е доволно време да ги повикам сите општествени чинители, граѓаните, медиуми, невладините организации и академска заедница и политичките партии да се исправат пред предизвикот на пресудните моменти за заокружување на нашата државност преку полноправно зачленување во ЕУ – рече Ковачевски во Собранието одговорајќи на пратеничко прашање.

Македонија, како што рече, има потреба од единство, сплотеност, заедништво и лидерство.

Тоа го очекуваат нашите граѓани. Тоа и треба на нашата држава и ние сме подготвени тоа да го направиме. Дојдено е време за заедништво, време за храброст и за лидерство, и ние сме подготвени да подадеме рака, надминувајќи се себе си и тесно партиските интереси – порача Ковачевски.

Ковачевски ги повика и коалиционите партнери со кои, како што рече, ги донеле тешките и пресудни одлуки за независност и еднаквост, како и опозицијата, да се обединат околу стремежот за евроинтеграција.

На пратеничко прашање околу мерките за растот на платите и пензиите согласно новата методологија, Ковачевски потенцираше дека продолжиле со воспоставување на систем на континуиран раст на платите, посебно во образованието, детската заштита и воспитанието, како и во здравството.

Во основното и средното образование ветивме и го остваривме зголемувањето од 15 проценти, и ако се земат претходните зголемувања во 2018 година од 5 проценти, 2019 исто од 5 проценти, 2020 година од 10 проценти, и ова последното зголемување, се работи за зголемување на платите во образованието за 36 проценти – рече премиерот.

Според Ковачевски, трансформацијата на државата кон полноправна членка не ЕУ лежи меѓу другото и во нашата способност да создаваме услови и средина, која им овозможува на нашите ученици да работат во добри услови и да се школуваат со наставни материјали кои што се со повисок квалитет.

Тој потсети дека 35 илјади вработени во образованието добија зголемени плати, а платите се зголемени и кај негувателите, а како што рече, во услови на незапаметена економска и енергетска криза во мандатот на оваа Влада, минимална плата е зголемена за сто проценти.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.