Предлог-законот за амнестија е испратен во собраниска процедура без европско знаменце и не е правен за личности, туку за дела од помал обем, со намера за релаксирање на пренатрупаните капацитети во затворот Идризово и во другите сместувачки објекти во рамките на Управата за извршување на санкции, порача денеска премиерот Димитар Ковачевски.

Законот беше изработуван неколку месеци од страна на Министерството за правда и откако беше изработен беше испратен до сите пратенички групи во Собранието, вклучително и до пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и затоа не е точно дека не го виделе законот. Диверзитетот на различни мислења кои постојат за законот се добри и можат да се земат различни аспекти во однос на ефектите на законот – рече Ковачевски во одговор на прашање при денешната посета на ЈУДГ ОЦ „13 Ноември“ објект „Парк“ во општина Центар по повод „Недела на детето“ заедно со министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска.

За законот, како што кажа, има различни мислења од кои дел се водат од хумани, а дел од рационални причини.

Ист ваков закон се донесе во 2018 година и тогаш сите го поддржаа. Сега предложениот закон е дури и порестриктивен. Бројот на места во затворите е околу 2.113 колку што во моментов има лица во затвори. На издржување на казна чекаат уште 2.200 лица што значи дека во моментов се потребни 4.000 места за да се сместат сите кои чекаат за издржување на казн – рече Ковачевски и додаде дека најголемиот центар за сместување во државата со сите хотелски места има токму капацитет од 4.000 места.

Сите тие, да ги направите објекти за осуденици, посочи, за една недела повторно ќе фалат места.

Затоа дел од пратениците и министрите со кои сум разговарал велат дека треба да има стратешки пристап кој според мене треба да се состои од три дела. Првиот дел е инвестирање во нови објекти за што владата преку ЕБОР има обезбедено 24 милиони евра за изградба на нов објект во рамки на затворот Идризово со сместувачки капацитет од 900 места и за реновирање на постојниот затворски капацитет. Второ е користењето на пробацијата која беше воведена во 2017 година кога четири лица беа предмет на пробација, а денеска се 450, бидејќи веќе се отворени такви центри со вработени стручни лица во Скопје, Куманово, Тетово, Прилеп, Битола, Струмица. Третиот е воведување на електронски алки за оние кои може да издржуваат казна во домашни услови – рече Ковачевски и посочи дека веќе се набавени електронски алки и наскоро таква постапка треба да се спроведе во пракса.

Новиот закон за амнестија, како што кажа, не е правен за личности, туку е правен за дела од помал обем кои се наведени во законското решение.

Во законот многу јасно е прецизирано кои дела не можат да бидат амнестирани. Со оглед на чувствителноста на одредени случаи кои се случиле во минатото во државата пратеничката група на СДСМ ќе поднесе амандман. Диверзитетот на различни мислења по овој закон покажува дека можат да се земат различни аспекти за неговото функционирање и низ демократска процедура да се дојде до решение кое ќе биде прифатливо за сите политички партии и за јавноста. Може да се дојде и до решени кое нема да биде прифатливо, бидејќи има најава од ВМРО-ДПМНЕ дека нема да го поддржат – прецизира Ковачевски.

Финалната форма на законското решение, како и дали ќе се донесе, посочи, ќе зависи од начинот на кој ќе биде образложено во Собранието од министерот за правда и од различните мислења, идеи и искуства од претходно донесениот ист закон во 2018 година.

Таквиот процес ќе ги соочи аргументите кои ги имаат различните политички партии, па и различни експерти и функционери во рамки на одредена политичка партија – рече Ковачевски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.