Во овој момент не постои документ што е заеднички прифатлив за двете страни и кој може да претставува основа за решение. Нема да има никави отстапки, со оглед на тоа дека разговорите и решението мора да се заснова на европски вредности, на меѓусебно почитување помеѓу политичарите, институциите и граѓаните од двете држави и задржување низ разговорите на достоинството на граѓаните на двете држави, порача премиерот Димитар Ковачевски на денешната заедничка прес-конференција со српската премиерка Ана Брнабиќ, одговарајќи на новинарско прашање на какви отстапкi е подготвен за да се реши прашањето со Бугарија и дали планира средба со багарскиот премиер Кирил Петков.
– На крајот треба да има прифатливо решение за двете држави, кое ќе биде основа за градење на добри меѓусоседски односи, меѓутоа и градење на иднината на регионот во ЕУ, беше дециден Ковачевски, додавајќи дека имаме Декларација изгласана во Собранието, поддржана од сите политички партии и таа е основа за нашиот преговарачки тим.
– Јас со датум не се врзувам од првиот ден кога станав премиер до денес. И првиот ден истакнав дека нас ни е потребно брзо решение,но не избрзано решение. Зошто брзо решение, бидејќи Македонија 17 години има кандидатски статус и постои опасност за еден процес што е толку долг, да се намали довербата во него, не од страна на институциите, туку од страна на самите граѓани. Втора работа е што во услови на постојното, ново, после војната во Украина, геостратешко вложување во Европа, проширувањето на ЕУ не претставува само економско или политичко прашање, туку претставува и безбедносно прашање. И од таа причина сметам дека ЕУ треба час поскоро да одреди датум за отпочнување на преговори со Македонија, изјави Ковачевски.
Во однос на изјавата на потпретседателот на Европската Комисија Борел, премиерот Ковачевски потенцира дека сака да верува оти на тој начин и преку такви изјави ќе се влијае процесот да добие на интензитет.
– Но, сакам да верувам дека ќе се премине од изјави и декларации на навистина оперативна имплементација на организирање на прв меѓувладина конференција за Македонија и Албанија, додаде премиерот Ковачевски.
Информира дека со премиерот Петков се виделе во Александрополис и како премиери имаат комуникација што не се сведува само на отворени политички прашања, туку има и многу други прашања кои ја засегаат соработката меѓу двете држави. Комуникацијата меѓу нас како премиери, истакна Ковачевски, е на високо ниво во однос на соработката што треба да ја имаат две соседни држави
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.