Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски и претседателот на Министерскиот совет на Република Бугарија, Кирил Петков, остварија средба на маргините на Минхенската безбедносна конференција.
Премиерите изразиле задоволство од досегашниот напредок на билатералната соработка и најавија нејзино интезивирање.
На средбата, на која присуствуваа и вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ и министерот за надворешни работи Бујар Османи, беше изразено задоволство од напредокот на билатералната соработка низ активностите на работните групи и конкретните активности за соработка кои произлегоа до сега. Двајцата премиери најавија интензивирање на соработката и дијалогот и за прашањата за кои треба да се најдат решенија на политичко ниво, во периодот кој следува – информира владината прес-служба.
Во соопштението се наведува дека за двете земји и за граѓаните од најголема придобивка е што поскоро да се дојде до квалитетни решенија поддржани и прифатени од двете страни.
Премиерите Ковачевски и Петков, споделиле дека од особено значење е и безбедносната состојба во регионот на Западен Балкан и Европа и се согласиле дека и интеграцијата на Македонија во ЕУ е фактор за општата безбедност и сигурност.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.