Претседателот на Владата на Македонија, Димитар Ковачевски, придружуван од министерката за одбрана, Славјанка Петровска, денеска се сретна со Маркета Пекарова Адамова, претседателка на Домот на пратениците на Парламентот на Чешката Република.
На состанокот е истакната блиската и пријателска соработка помеѓу Македонија и Чешката Република, веќе 28 години до денес, со заедничка определба за натамошно унапредување.
Пренесен е ставот дека Чешката Република и Македонија се активни НАТО партнери, како држави членки на Алијансата и е изразена надеж дека таа соработка ќе продолжи и како земји членки на Европската Унија. Во таа насока е изразена силна поддршка за натамошната интеграција на Република Македонија во Унијата, со честитки за напредокот и отворените преговори со ЕУ, во јули годинава, се наведува во соопштението од владиниот Сектор за односи со јавност.
Заеднички било оценето дека е потребно одговорно однесување од сите институции, како од Владата, така и од Парламентот, со цел Македонија да го продолжи отворениот европски пат.
Премиерот Ковачевски се заблагодарил за поддршката од Чешката Република, како еден од најотворените и најгласните поддржувачи на евроинтеграциите на нашата држава.
Донесовме одлуки за добра иднина на нашата држава и на граѓаните. Владата, во оваа економска и енергетска криза прави чекори во интерес на граѓаните и посветени сме кон брза интеграција во Европската Унија. Сега сме фокусирани на скрининг процесот со ЕУ, којшто верувам дека ќе заврши успешно, по што сите политички субјекти и институции ќе треба да го преземат својот дел од одговорноста, за да се осигура европската иднина на Република Македонија, рекол премиерот Ковачевски.
На состанокот било посочено дека се цени поставеноста на надворешната политика на Македонија, целосно на линија на Европската Унија, во однос на војната во Украина.
Како што стои во соопштението, било заклучено дека Европа е целосна заедно со државите од Западен Балкан, за постигнување одржлива стабилност и безбедност.
Во однос на ситуацијата во Украина, заеднички е констатирано дека застанувањето на страната на Украина е застанување на страната на демократијата и мирот во Европа и во светот и дека е неопходна солидарност помеѓу државите на европскиот континент, како во врска со ова прашање, така и во поглед на справувањето со последиците од војната, односно предизвиците на енергетски и економски план.
На средбата, министерката Петровска нагласила дека е одлична соработката помеѓу Македонија и Чешката Република во областа на одбраната, а заедно со претседателот на Владата, Ковачевски ја истакнаа важноста и од заедништвото помеѓу НАТО членките во поглед на ситуацијата во Украина и надминувањето на безбедносните предизвици на глобален план.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.