Одбележувањето на Св. Сава, националниот ден на српската заедница, за нас и за нашата држава значи негување на сите вредности по кои духовниот и интелектуалниот творец на идејата за српската државотворност ќе остане запаметен во историјата на народите на овие простори. Основоположникот и првиот архиепископ на Српската православна црква, Св. Сава учеше на трпеливост, помирување меѓу луѓето, ширење на љубов и почит кај народот. Неговото учење се засноваше на вера и вистина, истакна вечерва премиерот Димитар Ковачевски на Светосавската академија, по повод одбележувањето на Свети Сава, националниот ден на српската заедница.

Премиерот на своето обраќање рече дека наследството на Свети Сава не е мало, бидејќи вредностите за кои се бореше и ги застапуваше тој и неговото учење за почит кон другите и избор на мирот пред конфликтот, денес е аманет и за сите народи кои денес живеат пошироко од границите на неговата матична држава, Србија. Аманет за сите народи кои водејќи се од принципите на добрососедство и соживот, избираат да градат мир, взаемна доверба и меѓусебна соработка.

Токму затоа сме денес овде. Да ги негуваме тие вредности кои во светот нѐ истакнаа да бидеме препознатливи по почитувањето на културните вредности на сите народи кои живеат овде. Мултикултурализмот е наш посебен белег низ вековите, со помош на кој денес ги уживаме благодетите на мир и сожителство, трасирајќи стабилна иднина и за следните поколенија, нагласи Ковачевски.

Додаде дека заедничка иднина зависи од сите нас. Без разлика колку и да сме различни, сепак, имаме една цел кон која сите се стремиме – просперитетен, отворен и современ Балкан, ослободен од предрасуди, омраза и непријателства.

Нашите врати, вратите на Република Македонија секогаш ќе бидат отворени за сите народи кои се пријателски, а еден од тие народи е и нашиот братски, српски народ. Да градиме пријателства, да градиме мир во нашите држави и во нашето соседство, а преку тоа да придонесуваме и кон мирот во светот.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.