Обезбедуваме современа, ефикасна и дигитализирана јавна администрација според европските пракси и регулативи. Денеска пред нас и граѓаните има готов документ за реформа на јавната администрација до 2030 година со прецизни насоки за реформските зафати, најави премиерот Димитар Ковачевски.
Нашата заложба, посочи Ковачевски во своето видео обраќање на промоцијата на Стратегија , е македонските граѓани да имаат квалитет на живот според европските стандарди дома.
Стратегија за реформа на јавната администрација има едноставна и јасна цел. Испорака на повеќе и поквалитетни јавни услуги за сите граѓани и за приватниот сектор. Секој кој го полни државниот буџет преку даноците има право на брза и ефикасна услуга од институциите, а тоа е можно единствено со професионална, деполитизирана, ефикасна, ефективна и отчетна јавна администрација, поддржана од интензивна дигитализација, нагласи Ковачевски.
Веќе се работи, посочи Ковачевски, на дигитализација на јавната администрација, која на институциите ќе им овозможи дигитализација на процесите и електронска размена на податоци.
Дигиталното поврзување на владините институции, академската заедница, бизнис секторот и граѓанскиот сектор, го подобрува квалитетот на институционалните услуги. Воедно е значајно за ефикасна борба против корупцијата, бидејќи подразбира намалување на човечкиот контакт при вакви услуги, изјави Ковачевски.
Реформата на јавната администрација, посочи Ковачевски, е поставена како основа на процесот на проширување на ЕУ и е дел од клучната област од кластерот основи, со што почнуваат и завршуваат преговорите со Унијата, а напредокот се следи во текот на целиот процес на преговори.
– Стратегијата е во согласност со програмата за работа на Владата и е комплементарен дел до сите програми и стратегии за локален развој и децентрализација, за спречување на корупцијата и судирот на интереси, за отворена влада, за забрзан економски раст, како и со програмата за усвојување на правото на ЕУ и реформата на даночниот систем. Владата и јас како премиер, недвосмислено сме посветени на имплементацијата на сите регулативи, критериуми и стандарди, нагласи Ковачевски.
Ковачевски, исто така, повика динамичната агенда на извршната власт да ја следат и законодавната власт и правосудната власт, затоа што, како што порача, македонските граѓани заслужуваат европски квалитет на живот.
Промоцијата на новата Стратегија за реформа на јавната администрација (2023 – 2030) е на настанот „Современа, ефикасна и дигитализирана Јавна Администрација: Визија 2030. Испорака на поквалитетни јавни услуги за граѓаните и приватниот сектор“, во организација на Министерството за информатичко општество и администрација, во соработка СИГМА.
Во рамки на настанот, како што е најавено, ќе бидат презентирани процесот на изработка и механизмите за нејзина примена и следење, како и клучните цели и приоритети до 2030 година по приоритетни области.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.