Премиерот Димитар Ковачевски најави дека на следната владина седница ќе го повика МЕПСО да ги достави сите детали околу назначувањето на директорот на ИКТ секторот, кој пред три години заминал од компанијата и зел отпремнина.

Ќе ги повикам на следната седница на Влада да ги покажат сите детали и доколку не е според закон, а лицето работело на друго место, веќе зело отпремнина и се вратило, тогаш треба да ја врати отпремнината бидејќи продолжува да работи во истата компанија – изјави Ковачевски, одговарајќи на новинарски прашања по поставувањето камен-темелник на новиот објект на полициската станица во Аеродром.

Во однос на листата на производи за кои ДДВ ќе биде зголемено од пет на 10 проценти, Ковачевски рече дека таа е веќе доставена до коморите на разгледување, а во наредните денови ќе биде објавена и на веб страницата на Министерството за финансии.

Со оглед на тоа дека голем број од производите кои се од луксузен карактер, а беа ставени со повластена ставка од пет проценти, како што се најскапите видови морска храна, некои посебни типови на кашкавал и сирења кои се носат од Франција или Италија, се одлучи да се прошири даночната база и наместо на пет да бидат на 10 проценти. Тоа е повторно повластена стапка бидејќи стапката на ДДВ е 18 проценти – рече Ковачевски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.