На крајот на идната недела, согласно законските рокови, ќе се одвива процедурата за избор на техничката влада, изјави премиерот Димитар Ковачевски прашан кога ќе ја поднесе оставката со оглед дека техничката влада треба да биде формирана за десетина дена.

Соопшти дека за законските рокови за поднесување оставки, избор на нов претседател на Собранието и за избор на техничката влада утрово на состанок разговарал со претседателот на Собранието Талат Џафери, кој треба 100 дена пред изборите да биде технички премиер, и со координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митревски, кој е кандидат за претседател на Собранието додека трае техничката влада.

Одговарајќи на новинарски прашања при посетата на општина Шуто Оризари, Ковачевски рече дека во СДСМ е почната процедурата за предлагање можни кандидати за претседател на државата и за пратеници.

-Таа е статутарно пропишана и штом ќе заврши ќе може да бидат споделени имињата со повисоките органи на партијата. Прво оди во месни организации, потоа во општински организации и потоа доаѓа Извршниот и Централниот одбор. Дотогаш имињата не се коментираат бидејќи има поширока палета на имиња. Имаше медиумски напис за можни имиња, еминентни имиња, кои биле разговарани на овие состаноци, рече Ковачевски, одговарајќи на новинарски прашања при посетата на Шуто Оризари по повод изградбата на прв општински Ресурсен центар за повратници и други ранливи категории на граѓани.

Премиерот потврди дека има комуникација со лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, а на прашањето дали ќе има лидерска средба одговори дека не мора сите средби да бидат „во сали за состаноци“ и дека „многу работи може и на телефон да се завршат“.

-Комуникација имаме. Ние сме луѓе кои се познаваме, имаме заеднички пријатели, водиме две политички партии кои се најголеми во државата и сметам дека има работи што може на таков начин да се направат, а кои се од техничка природа – предлагање министри во техничка влада, договарање на термините кои исто така се законски пропишани, додаде Ковачевски.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.