Претседателот на Владата на Република Македонија Димитар Ковачевски денеска имаше средба со претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел, соопштија од владината прес служба.

 

На средбата, премиерот Димитар Ковачевски и претседателот Шарл Мишел потенцираа дека европскиот предлог за отпочнување на преговорите за Македонија ги вклучува сите македонски позиции и забелешки и дека преговорите може да почнат веднаш по одобрување на истиот. Предлогот, истакнаа премиерот Ковачевски и претседателот Шарл Мишел, предвидува чист македонски јазик, еднаков со останатите јазици на земјите членки на ЕУ.

На средбата од страна на претседателот на Европскиот совет Мишел уште еднаш беше потенцирана поддршката и заложбата на Европската Унија за почеток на преговорите со Македонија, посочувајќи дека ова се клучни моменти за напредокот на нашата држава од економски, политички и социолошки аспект.

Премиерот Ковачевски истакна дека поддршката на Европската Унија во процесот на интеграција на Македонија, е од особено значење за државата во исполнувањето на основата стратешка цел, а тоа полноправното членство во ЕУ.

При тоа премиерот Ковачевски на средбата потенцираше дека во изминатите денови предлогот од француското претседателство беше дискутиран на консултативни средби со лидерите на владината коалиција, со дипломатскиот кор, граѓанскиот сектор, со претставници на експертската јавност и медиумите, како и со опозициските партии.

Во рамки на посетата, претседателот на Европскиот совет Мишел ќе присуствува на денешната владина седница, а потоа со премиерот Ковачевски ќе одржат заедничка прес-конференција за медиуми, стои во соопштението.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.