Претседателот на Владата на Република Македонија, Димитар Ковачевски, се сретна со Кимо Лахдевирта, нерезидентен амбасадор на Република Финска за земјава.

На состанокот е разговарано за војната во Украина, безбедносната ситуација во Европа, како и за можностите за унапредување на добрата билатерална соработка помеѓу двете држави.

Оценета е како значајна обединетоста на државите членки на НАТО и на Европската Унија, во позициите за руската агресија врз Украина.

Исто така, констатирано е дека исчекорот на Република Македонија во европските перспективи е важен за нашата држава, но и како охрабрување за целиот регион, а и како придонес во стабилноста и безбедноста на Европа.

Претседателот на Владата, Ковачевски, се заблагодари за поддршката од Финска за европската интеграција на нашата држава и нагласи дека Македонија продолжува активно да споделува исти вредности со земјите членки на НАТО и на ЕУ.

Како Влада и како држава, поставени сме целосно на линија на политиките на НАТО и на Европската Унија и во поглед на ситуацијата во Украина. Имаме голема усогласеност на законодавството со легислативата на ЕУ, а развиваме и добрососедски односи во духот на европските вредности. Постои добра енергија во односите со Република Бугарија и на тој начин работиме кон решенија на отворените прашања. Денес јасно е и во Брисел дека евроинтеграцискиот напредок на Република Македонија е важен и за регионот и за ЕУ, рече премиерот Ковачевски.

На состанокот е потврдена меѓусебната поддршка на двете земји, за прашања од полза на граѓаните на државите.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.