Во изјава за А1он обвинителката Фатиме Фетаи нагласува дека со патувањето во Палермо каде од трибините ги бодрела нашите фудбалски репрезентативци, таа не ги прекршила ниту законите, ниту етичкиот кодекс на обвинителите. На прашањето зошто ѝ платила на туристичката агенција речиси една недела по натпреварот, Фетаи вели дека платила во рокот даден со фактурата.

Во меѓувреме јавноста се посомнева дека не биле на свој трошок во Палермо обвинителката Фетаи, министерот за правда Никола Тупанчевски и претседателот на судот во Кавадарци Лазар Нанев.

Вчера МКД.мк објави дека Тупанчевски, Фетаи, Нанев, но и градоначалникот на Струга Рамиз Мерко, поранешниот градоначалник на Охрид Никола Бакрачески и поранешниот премиер Владо Бучковски, сепак на фудбалскиот натпревар во Палермо летале гратис, односно на трошок на Фудбалската федерација, а дека гратис биле и влезниците во ложата на стадионот.

Фетаи вчера ја покажа уплатницата кон туристичката агенција со датум на уплата од 28 март, но исто така покажа уплатница во износ од 17.000 денари за мечот во Португалија на македонската фудбалска репрезентација, што пак е платено однарпед.

Денеска, како што објави порталот А1он, таа не одговорила дали патувала со чартер – летот за Палермо на трошок на Фудбалската федерација. Обвинителката нагласила дека за разлика од други функционери, таа на медиумите им даде доказ за уплата на пари, а дека за други прашања ќе одговори доколку тоа го побараат институции, бидејќи смета дека постојат процедури кои не се водат преку медиуми.

Од Вишото обвинителство велат дека Фетаи побарала денови од годишниот одмор и за мечот на македонската репрезентација во Португалија кој се игра денеска..



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.