Не постои конфликт помеѓу пратеници од СДСМ и ДУИ по однос на прашањето за признавање на дипломите на средното верско училиште „Иса бег“ за упис на македонските универзитети, рече премиерот Димитар Ковачевски во одговор на прашање на пратеникот Халил Снопче од Алијанса за Албанците дали и кога на матурантите од медресата ќе им биде овозможено да го продолжат високото образование во земјава.
-Владата многу сериозно работи на ова прашање зашто тоа не е отворено денес туку е од пред пет години. Тоа средно училиште е дел од Исламската верска заедница, но ние разговараме и со сите други верски заедници. Во моментов, Министерството за образование е во контакт и со ИВЗ, исто така и со МПЦ, бидејќи секогаш сме имале усогласен став помеѓу сите верски заедници во државата по сите прашања, и така ќе треба да биде и по ова. Практично, тоа се институции кои се основачи на овие средни училишта, рече Ковачевски на седницата за пратенички прашања.
Проблемот не е едностран, додаде премиерот, затоа што се работи за компатибилноста на наставните програми со подоцнежното високо образование во државава, за број на ученици и за финансирање. Работна група, како што рече, работи на изнаоѓање решение и го покани и пратеникот Снопче, а тој прифати, да биде дел од неа.
-Со оглед на тоа што има ученици кои учат не само во тоа училиште туку и во другите верски училишта, ќе мора да се најде решение со кое тие ќе можат на најсоодветен начин да го продолжат своето образование од средно во високо, и тоа да биде направено со консензус, како и за сите прашања во државава во делот на верските заедници, додаде Ковачевски.
Пратеникот Зоран Коцевски од ВМРО-ДПМНЕ праша за контролите на производители на канабис и што е најдено од надлежната комисија, затоа што, според него, „цела Македонија стана рај за криминал со канабис и марихуана“.
Заменик-министерот за здравство Владимир Рендевски одговори дека се согласува оти приоритет на секоја држава треба да и се друштвата/фирмите што го регулираат прометот и производството на канабис и психотропни супстанции.
-Бидејќи сум член на комисијата за човечки ресурси како заменик-министер, можам да кажам дека пред две недели од комисијата имаше предлог за одземање лиценца за една од фирмите поради утврдени одредени неправилности. Се надеваме дека ќе продолжиме по вистинскиот пат и секоја неправилност треба да биде санкционирана, рече Рендевски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.