Меѓувладината седница е успех, бидејќи само по една недела од нашата прва средба со бугарскиот премиер Кирил Петков договоривме поконкретно да работиме на теми кои ќе ја подобрат економијата, инфраструктурата, иновациите, образованието, културата, на се она што значи подобра комуникација меѓу граѓаните, порача денеска премиерот Димитар Ковачевски на отворањето на меѓувладината седница на двете земји, што се одржува во Софија.
Сето ова, додаде тој, треба да и покаже на Европа дека на Балканот може да се соработува и дека двете земји ќе воспостават пример за успешна соработка, јави известувачот на МИА од Софија.
Од тие причини денеска нашите колеги од двете влади ќе работат не теми од областа од инфраструктурата и тоа конкретно Коридорот 8 во сите негови делови, патната и железничката поврзаност, но и во делот на телекомуникациите – рече Ковачевски.
Тој напомена дека меѓу другото ќе се разговара и за теми од областа на образованието, нагласувајќи дека кога го поврзуваме образованието ги поврзуваме младите, ја зголемуваме нивната мобилност, размената на идеи, размената на знаење, што дава поголем синергиски ефект.
Ковачевски појасни дека тимовите ќе работат заедно со копретседавачите, кои во текот на наредните шест месеци ќе управуваат со работните групи, кои пак, нема да бидат составени само од министри и заменици-министри, туку и од претставници на одредените области на кои се однесуваат групите.
Кирил и јас важиме за луѓе кои сакаат ексел табели, кои сакаат рокови и сакаат остварување. Ние ќе бидеме тука постојано и постојано ќе учествуваме во работата на се она што ќе се прави и сакаме барем еднаш неделно работните групи сами да информираат за напредокот и со тоа да ги направиме среќни и граѓаните на Република Бугарија и граѓаните на Република Македонија – потенцира Ковачевски.
Петков на отворањето истакна дека пред нивната средба во Скопје, односите меѓу Македонија и Бугарија биле на многу ниско ниво, но од она што досега е постигнато во втората недела од неговата работа со Ковачевски му дава надежи дека нештата ќе се одвиваат во позитивна насока.
Оваа денешна средба покажува во која насока нашите односи ќе се развиваат. Тие ќе бидат засновани на вистина работа, вистински средби, вистински резултати. Најважното нешто за политиката е да се развива за доброто на двата народа. Нема ништо подобро од тоа да работиме заедно, да имаме отворена економија, инфраструктурна поврзаност, да имаме заеднички календар, да говориме за европската интеграција и внимателно да ги следиме општествените теми, вклучително и историјата и човековите права – рече Петков.
Тој нагласи дека има голема надеж дека работите ќе се одвиваат во позитивна насока, напоменувајќи дека уште вчера на заедничката вечера некои од министрите од двете земји наместо да си заминат веднаш започнале да ги планираат специфичните мерки, кои треба да ги спроведат во нивните сфери.
Верувам дека овој дијалог, оваа конструктивна работа, ќе го замени национализамот, јазикот на омразата и дискриминацијата и ќе покаже дека кога од двете страни има луѓе кои сакаат да го постигнат добрососедство успехот е загарантиран – нагласи Петков.
Со пленарната меѓувладина седница копретседаваат премиерот на Македонија, Ковачевски и неговиот бугарски колега Петков. По отворањето секоја од четирите работни групи паралелно ќе имаат состаноци.
Агендата предвидува тет-а-тет средба на премиерите Ковачевски и Петков и состанок на министерот за надворешни работи на Република Македонија Бујар Османи и министерката за надворешни работи на Република Бугарија Теодора Генчовска.
Премиерите и министрите на двете влади по одделните работни средби е предвидено да продолжат со пленарната седница на којашто ќе бидат презентирани резултатите од работните групи, после што ќе следува потпишување меморандуми и договори за соработка.
Работниот дел на заедничката седница на Владите на Република Македонија и на Република Бугарија завршува со прес-конференција на премиерите Ковачевски и Петков на која пред новинарите и јавноста ќе ги презентираат резултатите од меѓувладината сесија.
Во попладневните часови Ковачевски придружуван од членови на Владата, ќе има одделни средби со претседателот на Бугарија, Румен Радев и со претседателот на бугарското Собрание Никола Минчев.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.