Премиерот Димитар Ковачевски смета дека нема простор за загриженост од евентуални нови блокади од Бугарија. Тој во интервју за МИА во врска со можноста за нови бугарски блокади на патот кон ЕУ и доколку поминат уставните измени вели дека тој лично ги разбира стравувањата, особено по одредени чекори и провокации кои беа на штета на односите меѓу двете земји.

-Но, со европски политики и одговорност од двете страни, може да се стигне и до европски односи. Тезата која ја наметнува опозицијата е манипулативна и има двојна цел. Од една страна да ги доведува во заблуда граѓаните, да си поигрува со нивните емоции. Од друга страна да создава алиби за својата неодговорност затоа што немаат аргументи како да ги бранат своите обиди за блокади. Особено сега, кога целата содржина на предложените уставни измени е објавена и достапна, никој нема ниту една забелешка, ниту има нешто против. Прилично јасни се работите, нови условувања за нас не може да има, нагласува Ковачевски.

Тој вели и дека јасни биле пораките од меѓународна заедница дека нема да има нови барања. Како пример ја посочи Германија и неговите разговори со канцеларот Олаф Шолц, дека нема никакви дилеми дека нема да има нови барања надвор од утврдената Преговарачка рамка.

-Да потсетам тоа беше децидно кажано и во Декларацијата на германскиот Бундестаг. Дека нема пречки за пристапувањето на Македонија во ЕУ и дека билатералните прашања нема да го одредат пристапниот процес на земјава кон членство во Унијата е и ставот на високиот претставник на ЕУ за надворешна политика Жозеп Борел, вели Ковачевски.

Премиерот рече дека и Бугарија на повеќе наврати го потврдила истото.

-Претседателот на Бугарија, Радев, потпретседателката Јотова, бугарското МНР, сите тие беа многу јасни во изјавите дека нема нови услови, очекувањата се дека ќе се исполнат договорените услови во Преговарачката рамка, истакна Ковачевски.

Тој во интервјуто за МИА додава дека новите барања понатаму ќе се однесуваат на реформите.

-Така што нема простор да размислуваме во насока дека влегуваме во вртлог на нови барања. Барањата понатаму ќе се реформи. Процес во кој ние се трансформираме и повторно ќе носиме сериозни и тешки одлуки кои ќе обезбедат подобар живот за граѓаните, додава Ковачевски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.