Премиерот Димитар Ковачевски, кој истовремено е и лидер на владејачката СДСМ, во изјава за медиумите потврди дека утре ќе има средба со претседателот на Алијансата за Албанците Арбен Таравари, на која ќе се разговара за можен влез на партијата во владината коалиција.
– Утре ќе имаме состанок со Таравари. Ќе разговараме за напредокот од последниот пат кога сме се виделе, но ќе разговараме, исто така, и за можна соработка и за законски и за програмски решенија кои можат да ги унапредат капацитетот на државата и Собранието и донесување на оние одлуки за остварување на нашата зацртана цел 2030 да бидеме земја членка на ЕУ, истакна Ковачевски.
Во однос на кадровските прашања, Ковачевски рече дека за тоа во моментов не е разговарано, но оти доколку тој и Таравари најдат заеднички јазик во програмските политики и во делот на законските системски решенија, може да се разговара за тоа.
Премиерот рече дека е согласен со коалициските партнери со кои неодамна имаше средба дека во моментов балансот во Владата треба да остане таков.
Според него, проширувањето на мнозинството во Парламентот ќе значи зголемување на капацитетот, поефикасна работа, побрзо носење на одлуките кои ќе значат интеграција на државата во ЕУ, меѓутоа и носење на закони кои значат европски квалитет дома.
Ова ќе биде втора официјална средба на Ковачевски Таравари, а во јавноста подолго време се зборува дека АА ќе стане дел од Владата, и дека нивни кадри ќе раководат со здравство и правда.
Претходно денеска средбата за МИА ја потврдија и од АА. Претседателството на Алијанса за Албанците во петокот на седница во Тетово формира тим составен од лидерот Таравари и петмина негово најблиски соработници со задача да преговараат дали нивната партија ќе стане дел од Владата и ќе се прошири владиното мнозинство.
– Ние ќе седнеме, веќе имаме стратегија, но уште еднаш ќе направиме што планираме да биде програма на Владата ако се прошири и кои ќе бидат нашите услови. Понатаму и за кадровските решенија ќе зборуваме. Ако ни ги исполнат барањата посебно програмските барања, не толку кадровски, тогаш ќе ги слушнеме и членовите на АА и ќе донесеме одлука дефинитивна, јас се надевам не за долг период, за многу кратко ќе се одлучи ова или сме или продолжуваме во опозиција ние сме навикнати на опозиција не ни е проблем тоа, изјави Таравари во петокот. е
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.