Претседателот на Владата на Република Македонија, Димитар Ковачевски и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, денеска се сретнаа со амбасадорите на земјите од Квинта. Станува збор за амбасадорите на Соединетите Американски Држави, Велика Британија, Франција, Италија и Германија, кои присуствуваа на конференција за справување со антисемитизмот во регионот на ОБСЕ, како прва од серијата значајни конференции и состаноци што ќе се организираат за време на претседавањето на нашата држава со организацијата.
Премиерот Ковачевски на состанокот изрази благодарност за соработката и ја потенцираше поддршката што во целост Владата ја дава за претседавањето на Македонија со најголемата светска регионална безбедносна организација, истакнувајќи дека тоа за нашата држава е голема чест, но во исто време и голема одговорност.
Премиерот подвлече дека приоритет на претседавањето на Македонија ќе биде хуманата безбедност, со акцент на ситуацијата во Украина, засилени теренски мисии, како и ставање фокус на луѓето и нивните потреби.
Премиерот Ковачевски ја изрази важноста за обезбедување поддршка за функционалност на институциите на ОБСЕ, бидејќи како што потенцираше организацијата има разни механизми и алатки за поддршка на мирот и безбедноста, како и спречување на нови конфликти. Тој подвлече дека како претседавачи со ОБСЕ, нашата земја е подготвена да обезбеди политичко раководство на организацијата стремејќи се да придонесе во процесите за поголема стабилност, кои се клучни за севкупната европска безбедност.
Ковачевски истакна дека Македонија е отворена за конструктивни предлози за унапредување на улогата на ОБСЕ за време на нашето претседавање.
На состанокот заеднички беше констатирано дека борбата против корупцијата и промовирањето на доброто владеење треба да се на врвот на приоритетите со цел одржување на демократскиот и социо-економскиот раст.
Што се однесува до внатрешно политичката состојба во земјата, премиерот Ковачевски истакна дека следува период на поинтензивни консултации и дебати за уставните измени коишто следат, како услов за понатамошно напредување кон ЕУ. Премиерот Ковачевски на состанокот нагласи дека од голема важност за Северна Македoнија е поддршката на САД и ЕУ, за земјата да ги заврши потребните реформи во нејзиниот евроинтеграциски процес.
Претседателот на Владата Ковачевски истакна дека од клучна важност за стабилност на целиот регион е што побрза интеграција во големото европско семејство, бидејќи државите се соочуваат со внатрешно-политички предизвици, социо-економска неизвесност како и со билатерални спорови.
На состанокот беше заклучено дека во таа насока од голема важност е промовирање на човековата безбедност преку поддршка за одржлив економски раст и еколошка соработка, како и поддршка на основните човекови права, толеранцијата и недискриминацијата како предуслови за сеопфатна безбедност.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.