На маргините на конференцијата за безбедност ГлобСек 2022 што се одржува во Братислава, претседателот на Владата на Република Македонија Димитар Ковачевски оствари средба со неговиот колега, премиерот на Словачка Република Едуард Хегер.

На средбата двајцата премиери изразија задоволство од билатералните односи меѓу двете земји кои во последно време дополнително се динамизираат и унапредуваат со отворањето на амбасадата на Република Македонија во Братислава.

Двајцата премиери на средбата истакнаа дека активностите на амбасадата ќе дадат дополнителен поттик за сеопфатен развој на билатерални односи меѓу двете земји со посебен акцент на економската соработка со Словачка и со земјите членки на Вишеградската група.

Премиерот Ковачевски во разговорот со словачкиот премиер Хегер се заблагодари за континуираните јавни застапувања и изјави на највисоки претставници на Словачката Република за недвосмислената поддршка за интеграцијата на Македонија во ЕУ, каква што беше заедничката иницијатива со Чешката Република за блокирањето на усвојувањето на заклучоците на ЕУ во однос на процесот на проширување со земјите од Западен Балкан кои содржат неприфатливи референци за некои историски прашања.

Премиерите Ковачевски и Хегер се согласија дека е крајно време Македонија и регионот да добијат силна, јасна и кохерентна порака од сите земји членки и институции на ЕУ за почеток на преговорите за членство за да се потврди нивната европска перспектива.

Застојот во процесот на пристапување во ЕУ, беше речено на средбата, предизвикува силни безбедносни ризици, и сега е моментот конзистентните напори на Македонија и Албанија да се препознаат од страна на ЕУ со што побрзо започнување на пристапните преговори без одлагање.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.