Премиерот Димитар Ковачевски, во обраќање до јавноста порача дека безбедносната ситуација во Македонија е стабилна, дека во овој момент не постои никаква директна закана за неа.

Граѓаните треба да се спокојни, бидејќи како членка на НАТО, ние можеме да ја уживаме и да сметаме на заштитата која ја нуди најмоќниот одбранбен сојуз во светот. Затоа, ве уверувам дека нашата состојба е безбедна – порача Ковачевски.

Тој додаде дека, сепак, има закана за економијата и дека предизвиците доаѓаат на економски план.

Поради воената агресија на Русија врз Украина, глобалната економска и енергетска криза сега се продлабочува. Нè очекува неизвесна година, каде економијата во Европа и во светот ќе претрпат штети. Би сакал да ве уверам дека Владата одблиску ги следи промените во европските и светските економски текови и како и досега, ќе делува одговорно и во најдобар интерес на заштитата на интересите на граѓаните. Ги покачивме платите, ќе се покачат пензиите, финансиски ги поддржуваме компаниите – изјави Ковачевски.

Тој додаде дека глобалните пазари се најпогодени од руско-украинската војна, а нашата изложеност кон овие две економии е мала.

Нема присуство во финансискиот сектор, а странските инвестиции се под 1 процент од вкупните вредности. Очекуваното глобално влијание врз покачувањето на цените на основните прехранбени производи и енергенсите, што би значело продлабочување на постоечката енергетска криза, е нешто за кое ние како Влада сме апсолутно подготвени и ќе одговориме соодветно. Секојдневно ја следиме ситуацијата со снабдувањето со струјата, гасот и енергетиката во економијата, како во земјата, така и во регионот – изјави Ковачевски.

Тој упати апел сите институции од Владата па надолу, максимално одговорно да ги трошат средствата и максимално ефикасно да работат, со цел амортизирање на негативните последици од кризата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.