Најновиот развој на настаните во контекст на отпочнувањето на процесот на уставни измени, за кои земјата ја има поддршката на ЕУ со цел продолжување на процесот на европска интеграција, бил тема на разговор на денешната средба во Атина меѓу премиерот Димитар Ковачевски и претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен.
На средбата, што се одржа во рамките на посетата на Атина, по повод 20-годишнината од „Декларацијата од Солун“ на Самитот ЕУ-Западен Балкан, била истакната важноста на успешното завршување на процесот на уставни измени за натамошниот тек на процесот на европско интегрирање на земјата.
Како што информираат од владината прес-служба, Ковачевски и Фон дер Лејен, размениле мислења за текот на скрининг процесот и очекуваното отворање на првите кластери од преговорите.
Двајцата соговорници се осврнале на придобивките за земјите од Западен Балкан од новиот план за раст на претседателката Фон дер Лејен, како што се приближувањето до единствениот пазар на ЕУ и продлабочувањето на регионалната економска интеграција, кои се исклучително важни за секоја од земјите.
Говорејќи за предностите на членството во ЕУ, уште еднаш било потенцирано дека е од клучна важност да не се пропушти оваа шанса за членство на Македонија во Унијата.
На средбата се разговарало и за состојбите и перспективите на земјите во регионот на Западен Балкан, чија евроинтеграција има геостратешка и безбедносна важност за цела Европа.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.