ВМРО-ДПМНЕ денес ми наликува на некој нов вид на птица, би го нарекол ВМРО – папагал кој што повторува само еден збор: избори. Ако прашате колку е часот ќе ви кажат избори. Ако прашате имате ли план ќе ви кажат избори. Имаа локални избори, после локалните избори поминаа 2 години и ниту еден проект погледнете го Скопје, сите општини во градот Скопје ниту еден проект нема. Половина мандат отиде, ниту еден проект освен кавги кои што ги гледаме помеѓу нивните кандидати. Едно време само повторуваа ќе имало бугаризација, ќе имало асимилација сега веќе и тие аргументи ги нема затоа што аргументите пропаднаа. После цела година од изгласувањето на преговарачката рамка каде што ние веќе го водиме процесот на преговори како Македонци со чист македонски јазик. И сега најново што измислија бугарски диктат, не е точно дека е бугарски диктат, уставните амандмани се подготвени од страна на македонски експерти во македонското министерство за правда, рече во интервју за Канал 5 телевизија претседателот на СДСМ и премиер, Димитар Ковачевски.
Затоа сметам дека треба таа политичка партија прв пат во својата историја да се одважи, да има визија и да поддржи стратешки процес за државата, додаде тој.
-Одлука за продолжување на европскиот пат не е одлука за поддршка на Владата туку одлука за поддршка на евроинтеграциите , на она што граѓаните го сакаат, подобар животен стандард, подобро владеење на правото, подобра демократија, поголема социјална правда. Нашите граѓани се иселуваат во ЕУ не се иселуваат таму каде што ги нема овие елементарни и основни фундаментални придобивки од ЕУ. Затоа државата треба да биде членка на ЕУ, рече претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски.
Ние го почнавме нашиот европски пат заедно со Хрватска. Денес Хрватска е земја членка на ЕУ, земја член на Шенген и земја која го воведе еврото. А ние само минатата година ги започнавме преговорите. Неприфаќањето на носењето на одлуките денеска ќе значи токму тоа, спречување на напредокот на нашето општество, рече претседателот на СДСМ и премиер Димитар Ковачевски во интервју за Канал 5 Телевизија.
-Македонските граѓани 80% се за интеграција на државата во ЕУ. Погледнете каде беше државата во 2016 година. Заробена држава, нарушени меѓуетнички односи внатре во државата, нарушени односи со соседните држави и ниту еден милиметар не мрднати во европските и во НАТО интеграциите. Владеење на право се виде какво било, комплетна политизација на сите институции. Слободата на медиумите, 140 место во светот, денеска сме 38 место во светот, владеење на демократија. Бевме окарактеризирани од сите како хибриден режим и како заробена држава. Денес ние имаме и економскиот стандард во споредба со тоа време. Во тоа време минималната плата беше 7.700 денари, денес е 21.000 денари. Пензиите скоро дупло, покачена минималната пензија, за 40% покачена просечната пензија. Неприфаќањето на носењето на одлуките денеска ќе значи токму тоа, спречување на напредокот на нашето општество, рече Димитар Ковачевски, претседател на СДСМ во интервју за Канал 5 телевизија.
ВМРО-ДПМНЕ возврати
-Се обидува да се фати за секоја сламка спас, спинува како дете од трето одделение и користи лаги и манипулации да ги покрие своите неуспеси
Просто е жалосно да се гледа интервју на политички давеник каков што е Димитар Ковачевски. Се обидува да се фати за секоја сламка спас, спинува како дете од трето одделение и користи лаги и манипулации да ги покрие своите неуспеси.
Тоа е агонија и за него, но и за граѓаните кои го следат. Нека си помогне сам на себе и на Македонија и нека излезе на соочување со народот, за да си ги скрати маките.
Да учествувал некогаш Ковачевски во избори ќе знаеше дека тоа е најголемиот демократски дострел во кој граѓанинот како суверен одлучува за својата држава. Да се разбиреше малку повеќе од економија ќе видеше дека стандардот на граѓаните е драматично паднат, а цените на основните производи се отидени во плафон. Да разбираше дипломатија ќе знаеше дека Европската Унија не се реформира заради процесот на проширување на земјите од Западен Балкан кои заедно имаат десет милиони жители, туку заради нивните внатрешни потреби. Да се разбираше од владеење на правото ќе знаеше дека денес македонските институции се киднапирани од партиите на власт, довербата во правосудството се мери во промили, а Европската Унија праќа посебни мисии заради тоталниот распад на системот кој се случува.
Но Ковачевски за жал ништо од ова не разбира. Тој не разбира дека неговата влада е “болниот на улица Илинденска бр 2„ која вештачки се одржува во живот заради грст тендери или некоја коруптивна набавка повеќе. Тоа што Ковачевски е алергичен на зборот ИЗБОРИ е поради епскиот страв од соочување со граѓаните, но тоа е негов проблем.
Изборите не ги бара ВМРО-ДПМНЕ , туку ги бараат граѓаните и тие мора да се случат, се наведува во партиската реакција.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.