Премиерот Димитар Ковачевски, на панелот „Сега или никогаш: Откривање на европската иднина за Западен Балкан“ во рамки на Форумот ГлобСек во Братислава, изјави дека клучна одлука сега е да се прати јасна порака со храбра одлука за Западен Балкан за тоа како да се продолжи понатаму по јуни.

Како што рече Ковачевски, ЕУ сега има два проблеми, едниот се одлуките за Западен Балкан, каде што ако не се донесе одлука кредибилитетот и важноста ќе и опадне и во моментот кога тие ќе опаднат национализмот ќе почне да расте, што е нешто што може да се случи, а ние не сакаме да го видиме тоа.

Тој наведе дека од друга страна, процесот за Молдавија, Грузија и Украина веројатно ќе биде сосема поинаков процес, што може да се види и од изјавите од претседателството на ЕУ и некои други претставници од институциите на Унијата, процес за држави кои се уште немаат капацитет и способности да почнат со преговори за пристапување во ЕУ.

Ковачевски потенцира дека пристапувањето кон ЕУ требало да биде процес што се заснова на заслуги и државата треба да ги имплементира вредностите на ЕУ, како што се демократијата, економскиот просперитет и социјалната правда. Тој појасни дека во нашиот случај 45 проценти од законодавството е усогласено и ако ја споредиме државата со други земји кои веќе преговараат неколку години, тогаш во различни поглавја ние сме многу подобри.

Тој истакна дека ако се земат последните пет извештаи на Европската комисија за напредокот на земјата, може да види дека сите тие се позитивни.

Проблемот е во тоа што процесот заснован на заслуги е типично политички процес, каде поради начинот на носење одлуки во ЕУ една држава може да го блокира пристапувањето на земја кандидат, што се случува со Македонија во моментот и тоа се прави исклучиво на политички основи и поради политички причини – истакна Ковачевски, потсетувајќи дека земјава 17 години е кандидат за членство во ЕУ.

Според Ковачевски, од друга страна, има нов геополитички развој на настаните и поинаква слика во Европа, каде што ЕУ треба да одлучува за начинот како да го задржи својот кредибилитет и својата важност на Западен Балкан затоа што ако ова е систем заснован на заслуги, а тоа го тврдат сите релевантни претставници на ЕУ, тогаш мора да биде таков принцип и начело за сите земји.

Свесен сум дека мора да постои и јасна визија и за Украина и за Грузија и Молдавија, затоа што тие земји и нивните граѓани сакаат да имаат демократско општество и да ја избираат својата иднина како економско просперитетни држави. Ова мора да биде подржано од сите, а ние покажавме како држава и како регион дека ги поддржуваме Украина и нејзиниот народ – истакна Ковачевски.

На прашање од присутните за тоа што се работи за двонасочен однос на ЕУ и земјите кандидати за членство, што ЕУ направи погрешно и дали е време да се смени овој колективен пристап и да се започне со приспособен пристап кон сите земји поединечно, Ковачевски оцени дека кога за еден процес е потребно предолго време тогаш довербата во тој процес и кредибилитетот опаѓаат, исто како што опаѓа и важноста на играчите што се вклучени во тој процес.

Проблемот лежи во самиот пристап, дали сакате да донесете брза и храбра одлука и да завршите одреден процес или пак само сакате да работите околу процесот, но без некаква цел да го завршите. Што се случи, процесот заснован на заслуги, секако зборувам за нашата држава, во кој сите ресурси се насочени кон самиот процес, стана типично политички процес. Од друга страна нема алтернатива, затоа што ако ги видите економиите на Западен Балкан попатно една работа беше постигната за Балканскиот полуостров, бевме Балкански Полуостров, а сега зборувам за Западен Балкан. Ова е едно од непозитивните постигнувања во текот на овие години. Имаме економии што 80 проценти работат со размена од земјите членки на ЕУ. Голем дел од странските директни инвестиции во земјите доаѓаат од ЕУ, голем дел од граѓаните од Западен Балкан одат надвор и живеат во држави од ЕУ, тоа значи дека нема други алтернативи. Зборуваме за европски вредности и за основните европски слободи, слободна трговија на стоки, услуги, капитал и движење на луѓето – истакна Ковачевски.

Тој додаде дека иницијативата „Отворен Балкан“ е практична имплементација и платформа за тоа како да се имплементираат четирите слободи.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.