Премиерот Димитар Ковачевски, во видеообраќањето на конференцијата „Справување со дезинформации во Република Македонија“, организирана од Фондацијата „Метаморфозис“, изјави дека сите препораки од конференцијата, тој и Владата ќе ги земат како суштински придонес во остварувањето на нивната заедничка цел – да се изгради мултисекторски пристап за соодветен одговор на заканите и последиците што ги предизвикуваат дезинформациите.
Да дадеме наш придонес и поддршка во обединувањето и заедничкиот ангажман на државните институции, медиумите, граѓанските организации, академската заедница и приватниот сектор, затоа што ова прашање е наша заедничка одговорност. Заедничка е затоа што дезинформациите имаат за цел да ги поткопаат и да ги стават под сомневање сите демократски вредности на кои е изградено нашето општество – посочи премиерот.
Тој изјави дека демократскиот свет е под постојан напад од пропагандни центри, чија цел е да внесуваат страв и несигурност кај населението, да ги поткопуваат демократиите и на нечесен, манипулативен начин, на штета на јавниот интерес и добробитот на граѓаните, да шират влијанија на трети страни.
Ковачевски порача дека Владата застанува одлучно во спротиставувањето на дезинформациите и постојано воспоставува партнерства во оваа глобална битка, со НАТО, со Фејсбук и Гугл, со независните сервиси за проверка на факти, со домашните институции, со медиумските организации и со медиумите.
Нашите темелни вредности во оваа битка се вистината и максималната транспарентност, како и систем за брзо разобличување на лагите со цел да се оневозможи натамошно ширење на дезинформациите – изјави Ковачевски.
Тој додаде дека во делот на легислативата со измените во казнувањето за кривични дела поврзани со говор на омраза испратиле сериозна порака до дезинформаторите чија цел е да поттикнуваат омраза.
Мора да бидеме свесни дека битката со дезинформациите нема да заврши брзо. На сите нас треба да ни биде јасно дека нашиот пристап и одговор треба да бидат постојано унапредувани за да ги следат сите иновации на регресивните сили. Затоа порачувам во мое име, и во име на Владата, дека остануваме партнери и активни учесници во оваа наша битка во справување со дезинформациите – изјави Ковачевски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.