Претседателот на Владата на Република Македонија, Димитар Ковачевски во рамки на работната посета на Вашингтон, вчера, во попладневните часови по американско време се сретна со американскиот државен секретар Ентони Блинкен.

На средбата Ковачевски и Блинкен разменија мислења за билатералните односи помеѓу Македонија и САД, како и за состојбите во регионот.

На средбата на која беше присутен и министерот за надворешни работи, Бујар Османи, премиерот Ковачевски оцени дека двете држави во континуитет негуваат продуктивен политички дијалог и дека Македонија останува стабилен стратешки партнер и докажан сојузник на САД. Двете држави споделуваат длабоки врски, засновани на заедничка почит на демократските вредности и човековите права и ваквите односи ќе продолжат да се развиваат со уште посилна динамика.

Американскиот државен Секретар Блинкен, на состанокот потенцираше дека  САД високо го ценат придонесот на  Република Македонија во регионалниот контекст но пред се како цврст НАТО сојузник. Блинкен истакна дека САД ќе продолжат да ја поддржуваат Македонија во нејзините следни чекори високо ценејќи ги досегашните храбри и мудри одлуки кои Владата ги презеде во насока на обезбедување просперитетна иднина во рамки на ЕУ и НАТО.

Блинкен ја пренесе силната долгогодишна поддршка на претседателот Бајден на регионот и особено на Македонија, со надеж дека земјата ќе ги искористи можностите кои се пред неа, а на тој пат, државниот секретар потенцираше дека САД ќе  стојат цврсто со Македонија.

Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски потенцираше дека Македонија добива силна и континуирана поддршка од САД во остварувањето на стратешките цели од прогласувањето на независноста до денес.

Премиерот изрази искрено задоволство од успешното започнување на Стратешкиот дијалог со САД, што е нова одредница во нашите пријателски односи, подобрување на взаемните политички, економски и други форми на дијалог, образовни и културни врски.

Ковачевски истакна дека тој дијалог е од интерес на двете земји за конкретизирање на соработката во сите сфери од заемен интерес.

Премиерот Ковачевски ја нагласи важноста од досегашната поддршка на САД за продолжување и интензивирање на реформскиот процес за натамошна демократизација на нашето општество, веладеење на правото, борба со корупција и криминал, што е значајно охрабрување во процесот на пристапните преговори за членство на Македонија во ЕУ.

Во оваа насока беше потенцирана целосната поддршка која Македонија ја добива од страна на САД во насока на преземање на следните чекори во евроинтегративниот процес на земјата.

Престедателот на Владата истакна дека реформите за владеењето на правото и борбата против корупција се највисоки приоритети. Премиерот потенцираше дека Владата на Македонија високо ја цени американската поддрршка за развојот на антикоруптивни стратегии за секоја земја од Западен Балкан, вклучително и Република Македонија, како поддршка на националните антикоруптивни стратегии кои се веќе креирани во многу области.

На средбата Ковачевски посочи дека демократските институции на Македонија, инклузивната и мултиетничка демократија се стимул за земјите од Западен Балкан и му покажуваат на регионот дека демократијата ги негува условите што се потребни за да се промовира непрекината безбедност и просперитет.

Поддршката од САД продолжува и во периодот што претстои, бидејќи тоа е од голема важност за стабилноста и просперитетот и на Македонија, но и на регионот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.