Бугарскиот европратеник Андреј Ковачев го оцени како „комично“ објаснувањето на македонското Министерство за надворешни работи дека на 6 мај не му било дозволен влез на територијата на државата, зашто патувал со лица кои претставуваат ризик за јавниот мир и безбедност.
Во коментар за БТА, Ковачев вели дека главното прашање е дали има или нема црна листа на европски граѓани, кои не се дозволени во Република Македонија. Според него, „реакциите од претставниците на Европската комисија и на Европскиот парламент, како и на бугарската влада ги алармирале властите во Скопје“.
Бугарскиот министер за надворешни работи, Иван Кондов, вчера ја повика на средба амбасадорката на Македонија во Бугарија, Агнеса Руси Поповска, поради случајот да не се дозволи влез во нашата земја на петмина бугарски државјани.
Во вчерашното соопштение нашето Министерство за надворешни работи објави:
-На 6 мај, на граничниот премин Ново Село, поради неисполнување на условите за влез
во Република Македонија, согласно Законот за странци, не бил дозволен влез на група од петмина државјани на Република Бугарија.Дополнително би сакале да нагласиме дека во оваа група со која патувал и европратеникот Андреј Ковачев, имало лица за кои во Министерството за внатрешни работи има сознанија дека претставуваат ризик по јавниот мир и безбедност. Европратеникот Ковачев не е меѓу нив, но надлежните служби донеле таква одлука поради групата со која патувал.
Секој европратеник кој го почитува достоинството на државата и нејзините граѓани е добредојден во Македонија.
Софиски Труд денеска го објави документот, што македонската гранична полиција му го дала на Ковачев. И во него може да се забележат две работи. Прво, самиот документ носи назив „Решение за одбивање влез на граница„. И второ, членот од Законот за странци, што е искористен.
Станува збор за чл.11, став 1, точка Г, а се наоѓа во делот Услови за влез (во државата Република Македонија н.з.). А, тој гласи: (г) не е лице за кое во системот за контрола на патници и возила е издадено предупредување за забрана за влез.
Фактички, искористениот документ се однесува за забрана за влез во државата, а искористениот член, став и точка велат дека за лицето, во случајот Андреј Ковачев, не било во системот за контрола на патници и возила за кои е издадено предупредување од МВР за да му се забрани влез во државата.
Но, крајно иритирачки делува прозивката на Ковачев за тоа дали има или нема црна листа на европски граѓани, кои не се дозволени во Република Македонија. Пред воопшто да го постави ова прашање, Ковачев треба да даде одговор на друго прашање, за тоа е дали Република Бугарија има доставено до нашето МНР „црн список“ од 25 неподобни македонски интелектуалци, професори, експерти, новинари за присутност во историската комисија и во нашите медиуми?
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.