Поранешниот потпретседател на СДСМ, Коста Петров, во утринската емисија на Телма денеска рече дека романтично влегол во политиката.

Верував во промени, но како ја спознавав партијата се соочив со првата кочница и никогаш не ме прифатија како нивни потпретседател две и пол години. Тоа во фаца ми го кажуваа – ми велеа такви како тебе си оделе, ќе си одиш и ти. Си реков што правам на 38 години. Првите месеци бев нов, и кога го доживеав првиот сериозен удар, ја дадов првата оставка по неколку месеци кога се правеа изборните листи за парламентарните избори 2020. Јас сакав да ставам мегауспешни личности кои би влегле во политиката, но партијата секогаш победува, рече Петров.

Тој вели дека претходно четири месеци преговарал со СДСМ за да влезе во политиката, но потоа се соочил со реалноста

Првичната идеја беше да бидам потпретседател на владеачка партија и советник за ПР, но не знаеја што да прават со мене. Четири месеци ми се додворуваа, јас ги одбивав, им велев дека нема шанси, сметав дека таа функција треба да му се даде на некој од партијата. Одлуката ја донесов два часа пред да се одберат потпретседатели. Првичната идеја беше да креираме нова ПР стратегија бидејќи сметав дека не им е на ниво тоа што беше, но од одредени структури на партијата немаше желба за промени, а јас не сум таков да им кажувам на сите дека се добри, вели Петров.

Подолго време размилувал да си даде оставка, но нов момент бил почетокот на пандемијата.

ПР-експертот во студиото рече дека во последната фаза пред да си даде оставка на партиската функција и како директор на Фондот за иновации и технолошки развој „превртувал очи“.

Во неговата нова книга наречена „Што ќе кажат другите“, којашто ќе биде промовирана денеска, има многу пиканетрии од неговиот живот во владеачката партија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.