Денес, после 100 дена од градоначалничкиот мандат, ми претставува чест што, почитувајќи ги принципите на транспарентност отчетност и одговорност, кои беа наша водечка сила за време на предизборниот период, можам да претставам пред Вас, повеќе проекти, кои го трасираат патот на нашата заложба – ДА СОЗДАДЕМЕ НОВА ИДНИНА ЗА БИТОЛА. Новата иднина, значи реализација и на визијата за создавање општина во која управувањето се води од интересот, потребите и приоритетите на граѓаните, а резултатите носат промени и видлив напредок во сите сфери на општественото живеење“, истакна градоначалникот на Битола, Тони Коњановски на денешниот регионален отчет насловен „Промени што носат иднина – 100 дена локална власт, отчет на ВМРО-ДПМНЕ“.
Коњановски посочи дека затекнал затворена општина, во која не можеше да се стигне до градоначалникот, а административните процедури беа целосно закочени. Несоодветното менаџирање на претходната локална самоуправа, остави негативни последици во економскиот напредок на градот, а неодговорноста резултираше и со последици врз општинскиот буџет.
– Ова го потврдуваат неколку податоци, добиени од спроведените анализи:
– Мал процент на реализација на развојните програми заклучно со третиот квартал. Голем дел од проектите предвидени во нив, не беа воопшто започнати.
– Ненаплатени, сега веќе застарени побарувања за комунална такса за фирма т.н. фирмарина за период од две години, кои од 15% обработени податоци, изнесуваат 4.400.000 денари. Оваа сума значително ќе се зголеми со дообработката на останатите податоци во одделението за администрирање на приходи.Дополнително се врши анализа и на останатата наплата на данок на имот, што е особено важно за состојбата на општинскиот буџет.
– Покрај негрижата за приливот на средства, со наметнатата состојба предизвикана од неодговорното работење, доведени сме и во состојба на зголемен одлив, по однос на исплата на средства за електрична енергија. Ненавременото склучување на договор за снабдување со електрична енергија, зголемената цена на струјата, ја наметна потребата од итен ребаланс на буџетот, веднаш по преземањето на локалната самоуправа, со цел да не дозволиме мандатот да го започнеме во темнина. Како резултат на таквиот однос, плаќаме 7 пати поскапа струја и наместо 6.000.000 денари кои пред една година биле платени за периодот од октомври до јануари, денес сме доведени во ситуација да плаќаме 40.000.000 денари. Со голема одговорност и посветеност, вложуваме големи напори за најсоодветно решавање на овој проблем.
– Дел од јавните претпријатија пак, се борат со уште посериозни предизвици, кои претставуваат сериозна закана за нивното работење“, појасни Коњановски.
Коњановски посочи дека во изминатите три месеци, комплетно се промени сликата на тешко достапна општина и се воведе нов начин на работа, во кој локалната самоуправа станува вистински сервис на граѓаните. Се воспостави комуникација со секој жител на нашата општина, преку секојдневни директни средби со градоначалникот, организирање отворени денови во кои заедно со администрацијата целосно се посветува на секој поединец, а преку електронска комуникација, се евидентира и постапува по секое барање на граѓаните.
– За период од 4 години, претходната локална самоуправа, решила само 746 предмети. Веднаш, со добра внатрешна организација на општинската администрација се заложивме за решавање на останатите 6592 предмети. Во првите 100 дена, завршивме 1100 предмети и посветено продолжуваме до решавање на сите барања, согласно законската регулатива, нагласи Коњановски.
Коњановски посочи дека за еден месец да се завршија отпочнатите активности на 7 улици, со вкупна должина околу 3,5 километри. Се започна и со акција за чистење на сите диви депонии кои беа детектирани, но и се спроведува мапирање, со цел спречување на појава на нови депонии.
– Го зголемивме буџетот во програмата за животна средина за 4.500.000 денари, предвидувајќи субвенционирања по низа основи, но и за изготвување на стратешки документи кои во општината досега не биле изработени или пак се застарени, а се многу потребни за преземање на соодветни чекори со цел добивање на вистински резултати во намалувањето на аерозагадувањето, проблем со кој Битола се бори со години. Во развојната програма на општината, предвидовме средства за подготовка на проектна документација за двата капитални проекти кои ќе бидат реализирани од оваа локална самоуправа: изградба на противпожарна единица и спортски комплекс, нагласи Коњановски.
Коњановски укажа дека во Битола, како град со големо културно историско наследство и голем број културни уметници, повторно се создадоа услови за заживување на културата и домашната културна сцена, преку воведување на нов концепт наречен „Зимска приказна“.
– Како општина, застанавме зад Фудбалскиот клуб Пелистер, ги саниравме затекнатите долгови и почнавме да работиме на стабилизирање на клубот, создавање добра основа, буџет и управа. Спречивме финансиски колапс на кошаркарскиот клуб и обезбедивме можности за понатамошни високи резултати. Туристичкиот потенцијал кој го поседува Битола, неопходно е да биде ставен во функција на развој на градот. Делувањето во оваа насока е обезбедено во соработка со експерти од областа, но и отворена комуникација со претставници од туристичкиот сектор, а откако излеговме од административните лавиринти поврзани со случајот Планинарски дом „Копанки“, започнавме подготовки за поддршка на неговата реконструкција. Новите инвестиции во општината, се директно поврзани со нејзината урбанистичка и инфраструктурна подготвеност, рече Коњановски.
Тој додаде дека општина Битола е подготвена за реализација на проектот за реконструкција, рехабилитација и изградба на 23 улици. За дел од нив веќе се склучени договори, а дел се во постапка за јавна набавка. На улицата Солунска, на следната делница веќе отпочнаа работни активности на терен за поставување на нова канализациона мрежа. Во понеделник започнуваат градежните активности на улицата Македонска фаланга. Постапно, оваа година ќе се работат и улиците Булевар 1 виМај, Христо Узунов, Наум Наумовски Борче, 7-ми јули, Крушевска Република во АРМ, Стара чешма, 16-та, Ѓорги Димитров, АСНОМ, 28-ма, Вера Циривири Трена, Брегалница, Штипска, Бранислав Нушиќ, Сутјеска. Со градежни зафати ќе биде опфатена и патната мрежа во селата Логоварди, Дихово и Брусник. Паралелно работиме и проектна документација за други улици во урбаниот и руралниот дел на општината.
– Работиме на изградба на нови паркови, канализациони мрежи, донесување на стратегија за економски развој, но и проекти од областа на енергетската ефикасност, кои се особено важни во состојбата во која се наоѓа државата. Направеното во изминатите 100 дена е потврда на нашата посветеност, со која продолжуваме да работиме на локално ниво, но и со регионална координација преку Советот за развој на Пелагонискиот плански регион. Битола, мора да доликува на конзулски град во кој културното наследство соодветно се вреднува, заштитува, промовира и се става во функција на развој на градот, потенцира Коњановски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.