Kога централната власт и националното законодавство дозволиле во Општина Битола да се регистрира и да функционира ваков културен клуб, тогаш време е нашите источни соседи да овозможат вистински реципроцитет и да покажат почитување на правата на Македонците во Бугарија, можности за нивно културно изразување и негување на македонската култура и историја, напиша на својот фејсбук-профил првиот човек на Општина Битола, Тони Коњановски, откако денеска во Битола се отвори клубот на бугарското здружение „Ванчо Михајлов“, а на чие отворање присуствуваше и бугарската делегација во состав на премиерот Петков, потпретседателката Јотова и шефицата на бугарската дипломатија Генчовска.

„Добрососедските односи се градат само со меѓусебно почитување и признавање, но никако со индиректни провокации и оживување на едно мрачно минато на кое потсетува името на Бугарскиот културен клуб „Ванчо Михајлов“, стои во фејсбук-објавата на битолскиот градоначалник Тони Коњановски.

После посетата на денешниот настан во Битола, додава Коњановски, очекувам премиерот Кирил Петков, да биде првиот иницијатор кој во Бугарија ќе го покрене прашањето за промоција на македонската култура, еднаквост и поголеми права на македонците кои живеат таму.

„Тогаш кога ќе добиеме покана за присуство на отворање на македонски културен клуб во Бугарија, дури тогаш ќе знаеме дека сме на вистинскиот пат кој значи взаемно почитување и искрено пријателство“, додава Коњановски во својата фејсбук-објава.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.