Компанијата „Техком“ од Кочани, во рамки на својата општествена одговорност, се вклучи со лица и техника во гасењето на пожарите во Источниот регион.

Со сопственото специјално опремено противпожарно возило од марката „Kronenburg mac 06“, кочанската компанија веќе им помогна на противпожарните екипи во Светиниколско, каде во изминатите денови од пожарите изгореа неколку илјади хектари со пасишта и шуми.

Возилото на компанијата „Техком“ има капацитет од 9.000 литри вода, а располага и со далечински управуван топ, чиј млаз исфрла вода во далечина до 100 метри. Исто така, има и противпожарни црева и друга опрема за гасење оган во полски и шумски услови. Со тоа се овозможува поефикасно интервенирање, намалена опасност и зголемена безбедност за лицата кои се вклучени во справувањето со огнената стихија.

Карактеристично е што ова возило има погон на сите тркала и може да се движи по т.н. офроуд терени, односно да пристапи и на терени каде што обичните противпожарни возила не можат да влезат.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.