Лекарската комора вчера доцна попладне го добила Извештајот од извршен надзор врз стручната работа на Детска Клиника и Козле за смртта на 14-месечното дете.

-Го добивме Извештајот од извршен надзор врз стручната работа на Универзитетската Клиника за детски болести Скопје и ЈЗУ Универзитетска клиника за респираторни заболувања кај децата Козле Скопје во врска со лекувањето на починатото дете Р.С., подготвен од страна на комисијата формирана од министерот за здравство. За овој случај Комората исто така доби допис и од ЈЗУ Универзитетска клиника за респираторни заболувања кај децата Козле Скопје, во кој оваа здравствена установа дава свое гледиште и став во врска со наводите од извештајот на Министерството за здравство.

Во текот на денешниот ден ќе се одржи состанок на Комисијата за етички и правни прашања, на кој ќе се разгледа доставениот извештај во врска со починатото дете, како и Извештајот од извршениот надзор над стручната работа на ЈЗУ Општа болница Куманово во врска со лекувањето и третманот на починатата родилка М.С. и нејзиното новороденче, кој е подготвен од комисија формирана од министерот за здравство.

За исходот од работата на Комисијата за етички и правни прашања и донесените одлука за понатамошно постапување дополнително ќе информираме – велат од Лекарската Комора.

Министерот за здравство, Арбен Тараари, денеска на прес-конференција рече дека од нив очекува директорите на Детска клиника и Козле да казнат некого, односно „да има одговорност од некого за смртта на 14-месечното бебе“ кое почина од бронхопневмонија.

Да причекаме, верувам дека двајцата директори ќе преземат мерки, а какви ќе бидат, не сакам да предрасудувам. Но, очекувам од нив да има некаква одговорност, рече Таравари на новинарско прашање дали директорите ќе бидат казнети ако не преземат мерки.

Таравари рече дека Клиниката „Козле“ според неговите информации, имала респиратор, ама го дала на некоја друга клиника.

Секако дека Министерството има обврска што побрзо да обезбеди во „Козле“ да има неинванзивен или инванзивен респиратор. Како министер не сум судија, ниту обвинител. Како министер ангажирав компетентна комисија што даде детален извештај што се случило. Тој е испратен до клиниките и чекаме да видиме како ќе постапат директорите. Немам ингеренции да избркам некого од работа, но инсистирам директорите да преземат мерки за докторите што направиле превид, да не речам грешка, рече Таравари.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.