Дека славеничката торта не мора секогаш да ја засладува душата покажа одбележувањето на 31-годишнината од формирањето на Социјалдемократскиот сојуз на Република (денес Северна) Македонија. Партијата што сѐ уште формално се води под акронимот СДСМ се гостеше во име на денот кога од СКМ – ПДП стана СДСМ, кога беше сменет Петар Гошев, а нов лидер стана Бранко Црвенковски, пишува Панде Колемишевски во својата колумна за „Нова Македонија“.
Ден кога преку внатрешна реорганизација и комсомолска кадровска реконструкција старата партија доби ново општествено лице и ја промовираше социјалдемократијата како примарна идеологија на местото на социјализмот и комунизмот. Време кога Македонија сѐ уште трепереше под налетот на извесноста за пропаѓањето на Југославија и неизвесноста за самостојност во која било форма.
Оние што пред неколку дена јадеа од слаткиот колач сигурно не пијат од изворот што го ископаа основачите пред 31 година. Тој првороден кладенец одамна е затрупан со земја. СДСМ денес е далеку од него мерено со милји, далеку од идеалите, очекувањата и надежите.
Нема никакво сомневање дека СДСМ и како владејачка партија и како опозиција дала придонес за осамостојувањето и за државотворноста. Тој придонес се огледа и во доградбата на старите и во оформување нови национални институции, во какво-такво справување со актуелните финансиски кризи предизвикувани од долготрајната транзиција нагризена со неправедната приватизација, затворањето на фабриките и големата безработица од тие причини.
Во листата на успесите, со сите критички забелешки, секако се вбројува посакуваното приближување до Европската Унија и, секако, приемот во НАТО, несомнен политички државен дострел. Иако за тој чин Македонија скапо плати, а не доби речиси ништо конкретно. Под тоа конкретно не се подразбираат подарените стари, неупотребливи САД-хаубици, туку долари и евра за нужен развој, кои не стигнуваат на македонска адреса.
Но што се крие друго, што посуштински се прикрива зад таа, наводно, успешна фасада?
Ако некаде, ако во нешто потфрли Социјалдемократскиот сојуз, тоа е што клекна на колена по македонското прашање, по обезбедување стабилна историска иднина на македонскиот народ.
По тој „вопрос“ го урниса аманетот на претходните генерации, го доведе на раб на историски и научен опстанок сето она што Македонците го стекнале низ борба, со крв и жртви. Сѐ пораширено е мислењето дека колку што СДСМ станува проевропска партија, толку помалку е македонска. Би бил претеран изразот „антимакедонска“, но нејзината политика во последните години дава основа и за тоа претерување. Колку што се ближи кон Европа, толку ја заборава сопствената земја.
По потпишувањето на Спогодбата со Грција и промената на името на државата, особено по тотално погрешно прифатениот Договор за пријателство со Бугарија, Македонија не е истата држава. Не е подобра, како што би се очекувало по такви „мировни“ договори, како што се случувало со сите држави во светот. Не само во домашните туку и во меѓународните односи, Македонија е во полоша позиција од претходно, за жал. Уставно крајно нејасна и искомплицирана, национално разнебитена, меѓунационално и режимски хибридна, јазично неразјаснета, пописно сомнителна, економски заостаната, социјално сиромашна, кадровски опустена.
На надворешен план недоволно сфатена, изигрувана, притиснувана, излажувана, понижувана. Оставена пред затворени врати за прием во ЕУ, уште не стигнала да има канцеларија барем до тоалетот, што би се рекло фигуративно.
Како што се менуваа лидерите на СДСМ така партијата се оддалечуваше од изворните, оригинални идеи, од замислите и идеалите каква треба да биде Македонија во услови на самостојност.
Од програма до програма – убави и големи зборови, а мали дела и грди постапки. Од лидер до лидер сѐ подолу и подолу, на ниски скали, а со ниски страсти. Сите што биле предводници имаат улога и удел во падот – од Бранко, преку Бучко, до Радмила и Заев.
Целата колумна ТУКА
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.