Сè уште не се знае кој ќе ги чува децата доколку од понеделник се воспостави генерален штрајк во градинките и училиштата. Уште само пет дена до генералниот штрајк, а нема најави за средба меѓу Владата и Синдикатот и нов обид за решавање на проблемот. Надлежните се повикуваат на законот, кој пропишува да се најдат заменски воспитувачи и наставници, со цел да не се губи настава. За СОНК тоа е закана и кршење на правото на штрајк.

Тоа го толкуваме како вид притисок врз членовите на синдикатот и сите други кои ќе пристапат кон штрајкот, притисок во однос да се попишманат и да се предомислат да не влегуваат во штрајк преку разни закани. Навистина мислам дека не е многу нити мудро, ниту паметно да се врши притисок и да се врши закана кон оние кои што ќе штрајкуваат дека на нивно место некој друг ќе дојде и ќе ја извршува нивната работа, вели за „Сител“ Јаким Неделков, претседател на СОНК.

Од Министерството за образование нема информација за конкретен план како да се овозможи непречена настава и дали има доволно кадар за замена.

Правото на образование е загарантирано со Уставот и законите и образовните установи се должни тоа да го овозможат. Во отсуство на наставник или наставници, предвидена е можност за ангажирање на заменски кадар, во интерес на учениците и непречена едукација. Спроведувањето на законите го контролира Државниот просветен инспекторат, пишува во одговорот од МОН.

Во СОНК се зачудени. Прашуваат од каде државата ќе најде над 20.000 лица кои би можеле да ги заменат наставниците кои ќе штрајкуваат.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.