Бојан Јовановски – Боки 13 утринава се појави на информативен разговор во полициската станица во Кисела Вода откако вчера, додека гостуваше во живо на поткастот „Лазаров“, доби телефонски повик од родителите дека полицијата го барала во нивниот дом.

Боки е пријавен од страна на Зоран Милевски-Кичеец поради статус на „Фејсбук“ во СВР Охрид, па оттаму СВР Скопје постапува по барање по повод пријава за сторени три кривични дела – загрозување на безбедноста, демнење и кривично дело лажно пријавување.

Боки-13 ги отфрлува сите наводи за понатамошно процесуирање.

Тој посочи дека Кичеец е дел од неговите кривични пријави за сторените кривични дела за кои тој има докази.

Тоа ќе биде предмет на постапка, а ова го чувствувам како директен притисок бидејќи се случи вчера кога речиси цела држава знаеше дека имам јавен настап, најавено интервју. Пријателот на Кичеец беше едно од лицата за кои зборував. Од авион се гледа дека тенденција е во прашање, притисок. Знаете како, човек којшто цел живот се заканувал и се занимавал со таков тип на работа, овде единствено што ми се поклопува е да ја кажам онаа народната – кога крадецот вели држете го крадецот. Заканувачот и насилникот пријавува некакво насилство. Беспредметно е и трошењето време на полициските службеници кои мора да ја запазат формата. Јасен ми е стравот на Зоран Милевски-Кичеец, очекуван. Човек којшто толку многу се огрешил пред законот, а не одговарал на сите грешки соодветно, човек којшто нанел многу злодела за кои не бил санкциониран навремено, очекувано е да има вакви потези како овие. Јас сум решен, ова е почеток на конечната битка и разрешница со цела криминална банда, а во таа криминална банда еден од предводниците е Зоран Милевски-Кичеец, рече Боки по разговорот во полиција.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.