Во пресрет на четиригодишнината од Преспанската спогодба, нема човек во Македонија што не се запрашува: Quo vadis res publica Macedonia? Каде одиш Македонијо? Која е твојата иднина? Загриженоста за иднината на Македонија е иманентна во секој дом и во секоја институција на државата, особено поради фактот што секоја држава што својата иднина ја гради врз нелегални и насилно донесени документи, а такви се и Преспанската спогодба и промената на Уставот од 2019 година, е осудена на пропаст, а нејзината иднина е, всушност, неизвесна. Па оттука, се наметнува прашањето за иднината на Македонија. Според моето мислење, можни се четири сценарија, пишува академик Љупчо Коцарев за Нова Македонија.

Прво сценарио. Македонија ги започнува набрзо пристапните преговори во ЕУ и, евентуално, во наредните дваесетина години станува полноправна членка на ЕУ. Притоа, Македонците веќе целосно се исчезнати и не постојат, што е извесно дека ќе се случи во две етапи. Прво, поради отпочнување на пристапните преговори, Македонија ќе ги прифати небулозните и ненаучни барања на Бугарија, според кои, Македонците до 1944 година биле Бугари, а македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот јазик. Второ, поради упорните настојување на Грција да не се користат воопшто именката Македонија и сите нејзини деривати, од една страна, а земајќи го предвид нашето присилно прифаќање на небулозните и ненаучни тврдења дека Македонците и македонскиот јазик се комунистички творби, од друга страна, постепено македонскиот идентитет, Македонија и Македонците ќе исчезнат, како никогаш да не постоеле.

Второ сценарио. Македонија одлучно ги одбива бугарските уцени, меѓутоа, претпоставувајќи дека Албанија прва ќе ги започне пристапните преговори со ЕУ, ова сценарио, секако, ќе предизвика фрустрација кај овдешните етнички Албанци, кои ќе посакаат земјава да го следи овој пат. Иако Македонија се декларира како мултиетничка, а не двоетничка држава, притисокот на етничките Албанци ќе биде таков, што, евентуално, ќе доведе до реализација на првото сценарио.

Трето сценарио. Да се потсетиме дека Црна Гора ги започна пристапните преговори во 2012 година и досега, десет години подоцна, има отворено 33 поглавја, но само три од нив се привремено затворени, додека Бугарија ги започна преговорите во март 2000 година, а Договорот за пристапување го потпиша пет години подоцна, во април 2005 година. Имајќи ги предвид наведените факти, многу е веројатно дека Македонија во наредните педесетина (или повеќе) години нема да стане рамноправна членка на ЕУ. Зошто? Од многу едноставна причина: некои членки на ЕУ, некои наши соседи, но и дел од политичките елити во Македонија, всушност, не сакаат Македонија да биде дел од ЕУ-семејството, што досега многупати го докажаа. Третото сценарио подразбира Македонија да се претвори во дувло на криминал, дно на дното, држава во која царува распуштено, разуздано и бесно однесување, со еден збор вистински башибозук.

Според мене, Македонија, денес, за жал, се наоѓа на еден чекор до таква состојба.
Четврто сценарио. Денес, во рамките на територијата што се нарекува Европа постојат 50 суверени држави, од нив 27 се членки на ЕУ, или 54 проценти, при што земјите-членки на ЕУ опфаќаат 42 процента од вкупната површина на Европа, а во нив живеат 60 проценти од вкупното население на Европа. Така, 23 суверени држави, меѓу кои и Обединетото Кралство, Норвешка и Швајцарија, не се членки на ЕУ. Последното сценарио подразбира да заборавиме на ЕУ и да започнеме со вистински реформи за просперитетна Македонија. Притоа, за да се оствари ова сценарио, во продолжение ќе се осврнам на две теми поврзани со владеењето во Македонија, што се предуслов за соочување со економските предизвици, за кои делумно неодамна пишував во „Нова Македонија“ во текстот со наслов „Иднината на нашите внуци“.

Прво. Македонија е граѓанска држава, па затоа треба да го напуштиме сегашниот хибриден модел на владеење, мешавина на етномнозинска и консоцијална демократија, и да го замениме со консензуална граѓанска демократија. Во консензуалната граѓанска демократија, партиите учествуваат во формирање на Владата пропорционално со добиените изборни гласови. Постојат голем број учебници и монографии по политичките науки, во кои се направени емпириски анализи на голем број држави, што недвојбено укажуваат на предностите на консензуалната демократија во однос на мнозинскиот модел на демократија. „Основна разлика меѓу двата модела е во тоа што мнозинскиот модел на демократија е ексклузивен, конкурентен и контрадикторен, додека моделот на консензуална демократија се карактеризира со инклузивност, договарање и компромис“. Досегашните повеќедецениски резултати во сферата на економскиот раст и развој, во сферата на развојот на демократијата, владеењето на правото, човековите права и слично, како и во другите круцијални сфери на нашето живеење – образованието, науката, животната средина, културата, се далеку под очекувањата во споредба со другите држави. Тоа, пред сѐ, се должи на етномнозинскиот модел со кој извршната власт се распределува меѓу победнички партии од двата етникума, што доведе до еродирање на демократијата, нестабилно владеење, што, всушност, се реализира преку два паралелни процеси, етнодиференцијација и фрагментација на општеството.

Второ. Македонските влади, главно, но посебно во изминатите четири години, не се ниту политички, ниту експертски, ниту компетентни. Спротивно на тоа, владите се резултат на пазарења и уцени, тие се партиско-етнички, некомпетентни, корумпирани и нефункционални што ја прави подредена улогата на парламентот, институциите и правосудниот систем. Ваквото однесување, политичко договарање и пазарење, достигна кулминација последните четири години. Наместо доследна примена на начелото на поделба на власта и создавање цврста институционална рамка за владеење на правото, во изминатите три децении бевме сведоци на сѐ поголемо јакнење на позицијата на извршната власт, спротивно на уставните определби, и создавање услови за партизација, како и неодговорно, неконтролирано и коруптивно остварување на нејзините функции. Оттука, предлагам, да почнеме со ограничување на ингеренциите на извршната власт во подрачјата што, според Уставот, се утврдени за автономни сфери на општеството (образование, наука, култура, здравство итн.). Меѓутоа, ова не е доволно – слабеењето на позициите на извршната власт, и на државно и на локално ниво, е неопходно, па затоа е потребно, според моето мислење, да се намали бројот на ешалони на извршната власт, но и да се ограничи, па дури и да се изземе извршната власт од раководење на јавните претпријатија, јавните установи и акционерските друштва во сопственост на државата.

Да резимирам, постојат решенија за излез од повеќедецениската криза во која се наоѓа Македонија, постојат решенија за просперитетна, демократска и достоинствена Македонија, а за некои од нив денес, во четвртото сценарио, накусо пишував. Меѓутоа, за тоа треба консензус меѓу интелектуалците, професорите, граѓаните на Македонија, оти опструкции во справување со кризата и спречување на дивеењето на политичките елити, по моето мислење, ќе прават токму (дел од) владејачките и партиските врхушки, но и (дел од) нивните гласноговорници. Во Македонија „војната“ меѓу партиите, политичките елити и нивните апологети, веќе подолго време, е катадневно присутна, што доведува до арогантно и насилно однесување на владејачките елити. Во такви услови, најдобро се снаоѓаат, во спрега со политиката, криминалните групи, а Македонија, исцрпена од таа борба, сѐ повеќе тоне. Меѓутоа, поради нашата иднина, мирот мора прво да се воспостави во нас самите, а арогантното, бескрупулозно и срамно владеење, што често прераснува во насилно дивеење, мора да престане.

Насмевките понекогаш се загадочни (да се потсетиме на насмевката на Мона Лиза или на стиховите на легендарните „Бис-Без“: „Не знам дали твојот насмев / Еднаш ќе е мој“) и изразуваат различни чувства: од расположение, радост, задоволство, наклонетост и олеснување, до подбив, иронија, стрес, нервоза, навреденост, лутина, срам, агресија, страв и презир. Последниве четири години немавме многу причини за радосни и искрени насмевки, а насмевките на политичарите најчесто беа израз на страв, збунетост, агресија и срам. По последните случувања поврзани со Македонската православна црква, радосните насмевки се вратија на лицата на многумина. Безвремените стихови „Е мој народе македонски / Сегде каде што си населен / Љубов Божја сè ќе победи / Сета надеж пак ќе воскресне / Тука најсилно со векови / Ѕвонат црквите македонски“ деновиве предизвикаа надеж дека, сепак, можеби ќе успееме да започнеме со градење просперитетна иднина на Македонија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.