Францускиот предлог предвидува укинување на ветото, а ЕУ да стане гарант дека Скопје ќе ги исполни условите на Софија. Ова се првичните информации коишто пристигнуваат во врска со францускиот предлог, којшто со нетрпение се очекува во Македонија и во Бугарија, пишува Дојче Веле.

„Француското ротирачко претседателство е подготвено да ги вклучи барањата на Бугарија во преговарачката рамка за Македонија и ЕУ да стане гарант за нивната имплементација, а се очекува да биде одобрен од другите земји – членки и покрај резервите дека билатералните прашања се пренесуваат во Европа. „Западен Балкан треба да се придвижи кон ЕУ“, пишува бугарскиот портал Медиапул, повикувајќи се на изјави на дипломати.

Предлогот најпрво на бугарска маса 

Вниманието и во Скопје и во Софија е целосно свртено кон францускиот предлог, од кој се очекува одговор дали има можност за тргање на ветото и отворање на вратите на ЕУ за Западен Балкан. Најавите се дека Франција ќе го испрати нацртот на новата преговарачка рамка за Македонија до Бугарија и до другите земји-членки.

Според Бугарското национално радио, веќе во текот на денот се очекува тој да се најде пред Владата, а потоа ќе мора да оди во бугарскиот парламентот, откако Советот на министри, по барање на премиерот Кирил Петков, одлучи токму тоа да носи одлуки за сите прашања поврзани со Македонија и ветото.

Предлогот со нетрпение се очекува и во Скопје. Македонскиот претседател Стево Пендаровски  денеска изјави дека Скопје го нем добиено францускиот предлог. „Имаме разговори со нашите бугарски колеги. Немам намера да коментирам дали владата или собранието во Софија ќе успее, тоа е внатрешна бугарска политика“, изјави претседателот Пендаровски на прашањето што содржи францускиот предлог за кревање на ветото од Бугарија. Тој вели дека францускиот предлог е интерна работа на ЕУ во рамки на подготовката на заклучоците на Европскиот совет што Франција како претседавач со ЕУ треба да ги достави до сите земји членки.

Неизвесност и во Скопје 

Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел кој е во посета на земјата, по средбата со Пендаровски во Охрид не сакаше да коментира што ќе има во заклучоците, со образложение дека  потреба дискреција во пресрет на Самитот на ЕУ.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи ќе ги почека прво реакциите во Бугарија, па тоа ќе даде свои забелешки на францускиот предлог, доколку има. „Во овие последни денови француското претседателство треба да го преземе кормилото и да ни каже врз основа на проценката што ја добиваат од Софија дали има простор за некаков посуштински ангажман и од разговорите што ги имаат со нас, дали ќе одат на нареден чекор. Ако одат на нареден чекор нашиот став е да видиме унифициран став од сите земји членки, вклучувајќи ја и Бугарија, а потоа ние да ги кажеме нашите забелешки доколку имаме забелешки на таков француски предлог“, изјави Османи.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.