Освен реафирмација на ставот за одржување редовни парламентарни избори во 2024 година, премиерот Димитар Ковачевски додаде оти на коалицискиот состанок в недела коалициските партнери од власта ќе се осврнат и на важноста на водењето севкупни политики во државата во насока на задржување на стандардот на населението и унапредување на системот на Македонија и усогласување со системот на ЕУ
Коалициските партнери кои се дел од владејачкото мнозинство и од Владата в недела на средба ќе го реафирмираат ставот за одржување редовни парламентарни избори во 2024 година, заедно со претседателските, информира денеска премиерот Димитар Ковачевски одговарајќи на новинарски прашања при учеството на „Преспа форумот за дијалог“ во Охрид.
На средбата, како што вели Ковачевски, секој ќе го каже своето мислење, а меѓу другото, целта е да се направи рекапитулација на сè тоа што беше направено во однос на справување со кризата во изминатите месеци од формирањето на новата влада.
Меѓу другото, ќе информираме за мерките што ќе бидат преземени, а се вцртани во ребалансот, ќе направиме и осврт и на кризата како од аспект на енергетската криза, кризата со растечките цени на светските берзи во однос на храната, на енергенсите суровините предизвикани од нападот на Русија врз Украина“, појасни Ковачевски одговарајќи на новинарски прашања при учеството на „Преспа форумот за дијалог“.
Со таа позитивна средба, според Ковачевски, граѓаните ќе се уверат дека има владејачко мнозинство и влада која се грижи за животниот стандард на граѓаните и обезбедување на сè она што треба една влада да го обезбеди во услови на најголема криза. Тоа, вели, е различно од тоа што го прави опозицијата, бидејќи, како што рече, таму единствено гледаме деструкција и блокирање.
И уште пострашно, во опозицијата има политички партии кои се отворено против нашето членство во ЕУ и НАТО и кои отворено одат по состаноци во Москва во време кога цела Европа заедно со САД се бори за зачувување на демократијата во сите држави кои се дел од ЕУ, кандидати за ЕУ и оние кои сакаат да станат членки на ЕУ“, рече Ковачевски.
Премиерот додаде оти на коалицискиот состанок в недела, ќе се осврнат и на важноста на водењето севкупни политики во државата во насока на задржување на стандардот на населението и унапредување на системот на Македонија и усогласување со системот на ЕУ.
Во насока на понатамошните разговори со Бугарија, оваа коалиција, како што додаде премиерот, е европска и сите политички партии кои членуваат во неа имаат јасна цел и визија за Република Македонија која живее европски вредности, која е интегрирана во НАТО, која треба да се интегрира во ЕУ, која ги има решено сите внатрешни прашања, која ги има решено прашањата во однос на сите свои соседи.
Во моментов, заклучи тој, имаме најдобри односи со сите соседи и едно отворено прашање со Бугарија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.