Откако во својата честитка по повод Денот на ослободувањето на Скопје премиерот Димитар Ковачевски пропушти да каже од што и од кого е ослободено Скопје во 1944 година и кој го окупирал во 1941 година, денеска со соопштение се огласи ВМРО – Народна партија.

ВМРО – Народна е предводена од Љубчо Георгиевски, основач на ВМРО-ДПМНЕ, кој се залага во Уставот веднаш да бидат вметнати Бугарите без никакви предуслови.

Во честитката на оваа партија се вели: „ВМРО-Народна партија се приклучува кон честитките по повод 13 Ноември – Денот на ослободувањето на Скопје. На тој ден македонските партизани со помош на првата бугарска армија во тешка борба ги разбија германските и албанските фашисти кои во тој момент го држеле градот под контрола“.

Според историските факти и сведоштва, бугарските воени сили, кои во овој период, после капитулацијата на фашистичка Бугарија, се „прекомандувани“ во антифашистичката коалиција, не учествувале во ослободувањето на главниот град на Македонија.

За да се оствари успех во битката за ослободување на Скопје, било планирано прво да се ослободи Штип,. Во ослободувањето на овој град требало да учествува и Петтата бугарска дивизија. Но, бугарските трупи воопшто не учествувале во битките за ослободување на градот, како што било договорено и планирано, туку пасивно ги запоседнале позициите кај Злетовска Река. Поради нивната пасивност, македонската 50. дивизија, која била во реонот на Штип, задоцнила еден ден во операциите за ослободување на Скопје.

Борбите за ослободување на Скопје се водени од утрото на 12 ноември до 14 ноември. Како што забележал генералот Михајло Апостолски, само пет дена по битката за Скопје, некои бугарски историчари се потрудиле да ја извртат историјата, обидувајќи се да наметнат бугарски заслуги за ослободување на градот Скопје. Радио Софија секојдневно ширела дезинформации низ бугарските медиуми како нивните војски играат ослободителна улога во Македонија.

Ова со гнев го увидел генералот Апостолски, кој тогаш издал наредба, со која им забранил на бугарските војници да влезат во Скопје, а не пак да парадираат. На оние кои сепак се појавиле откако битките завршиле, им било дозволено да се одморат во касарните и да се вратат назад во Бугарија, без никакво право да парадираат на улиците на ослободениот град.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.