Келнери од Македонија на Блед го молеле Ковачевски да не внесе во ЕУ за да се врателе дома. Се е тоа убаво, му доаѓа саклма на душата на човек кога го слуша ова, ама една работа ме мачи – не знам што бараат таму, кога овде СДСМ е на власт седма година по ред и кога, ако му веруваме на Заев, а нема причина да не му веруваме зашто тој не е човек што било кога во животот излажал, ние блескавме и блескамe – пишува Дарко Јаневски во својата најнова колумна.

Во натписот објавен денеска на Денешен.мк Јаневски нагласува:

И навистина, зошто овие студенти отишле да работат во Словенија кога келнери можеле да бидат и овде, а овде можеле и да студираат. На некој од нашите престижни универзитети кои само поради злоба на странците не се на Шангајската листа. По седум години блескање, наспроти претходниот понор, Македонија со Таче на чело, конечно е пристојно место за живеење. Еве прашајте ги пензионерите со 12 000 денари пензија кои според министерката Тренчевска, можат да го преживеат месецот со тие пари. А замислите што ќе правите со парите, ако како келнер добиете дури 20 000 денари. Плус бакшишот кој не е пријавен кај министерката за преживување, која се покажа како достојна замена за умот на Мила Царовска.

Така што нема потреба да се оди во Словенија или било каде надвор од this beautifully country, што би рекле странците. Ако со 12 000 денари месечно се живее, каде ли им е крајот на оние што земаат минимална плата од 20 000 денари или просечна плата од 36 000 денари? Само небото им е лимит, па и тоа не мора да биде нивниот врвен дострел.

Нешто Синдикатот промрчува од време на време со некоја синдикална кошничка од 50-тина илјади денари, во која за лекови се предвидени само 820 денари (но, ние секогаш се водиме од максимата „во здраво тело, здрав дух“, па и тие 800 денари ни се многу), но и тоа што Синдикатот мрчи е само колку да се каже дека нешто работи.

Во секој случај може да се заклучи дека Ковачевски ни пренесе порака од аздисани деца кои не можат и не сакаат да го видат сонцето што посилно ја грее Северна отколку Словенија. А, ако тоа е така, ако тие деца и уште 150 000 други иселени во периодот 2017-2022 година, само поради сопствен хир си заминале од овде, не знам зошто би ги слушале нивните апели. И зошто би им попуштиле на Бугарите за да влеземе во ЕУ, кога овде и без тоа ни е сосема добро.

Нормално, секогаш ќе најдете ситни души на кои се нешто не им чини. Така една пензионерка, која не чула за Тренчевска и која има пензија од 12 000 денари продаваше свеќи пред црква за празникот Успение на света Богородица, само за да се луксузира со тој вишок на пари кој му доаѓа како плус на нејзините месечни 12 000 доволни за живеачка. Си седи под сенка, пуши цигара (ете ти луксуз), продава свеќи и ги брои парите со кои ќе тера луксузен живот. Една свеќа – три денари, поголемата – пет денари. Живот е тоа, ами како!

И ја става раката на глава и вели: „До овде ми е од овие“! Ја гледам и се мислам како да и кажам дека треба малку да намали со расфрлањето пари. Да погледа телевизија, да прочита портали, да чуе, да види колку и е убаво. Кога веќе самата не знае.


Целата колумна на денешен.мк


Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.