Локалната власт во Куманово размислува да ја продолжи мерката бесплатен автобуски превоз. Претседателката на Советот, Ивана Ѓорѓиевска денеска кажа дека на наредната седница ќе се разгледа извештајот за користа што ја имаат граѓаните од функционирањето на мерката последниов период.
– На наредната седница ќе се најде информација во врска со бесплатниот автобуски превоз. Субвенционирањето се покажа како една од поуспешните мерки што ги изгласавме како Совет. Мојот личен став е дека субвенционирањето треба да продолжи до крајот на годинава, изјави Ѓорѓиевска.
Таа рече дека освен економскиот бенефит што го остваруваат жителите, се развива и свеста и кумановци стекнуваат навика за важноста од користењето автобуски превоз. Советниците на идната седница ќе ја разгледаат анализата, бројот на корисници, бенефитите, но и недостатоците во однос на некои линии, ефектите во однос на аерозагадувањето и намалувањето на сообраќајниот метеж.
Со одлуката на Советот од април годинава граѓаните можат да ја користат мерката до септември. За оваа намена тогаш беа одвоени дополнителни 15 милиони денари од општинскиот буџет за 26 линии. Опозицијата во Советот тогаш реагираше дека одлуката се носи без анализа за придобивките од мерката во првите три месеци и кажа дека е потребна поголема одговорност при носење на одлука, со која се трошат значителни средства од парите на граѓаните.
Првично, одлуката на Советот се однесуваше на користење на превозот за сите граѓани од јануари до јуни, за што беа одвоени 30 милиони денари.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.