Дипломатските односи меѓу Република Македонија и Република Казахстан се воспоставени на 1 јуни 1995 година. Досега двете земји имаат потпишано повеќе договори за соработка во различни области. Протоколот за редовни консултации помеѓу МНР-а на двете држави е потпишан во Скопје, ноември 2017 година, а македонската Амбасада во Астана официјално е отворена септември 2021 година за време на првата посета на тогашниот министер за надворешни работи Бујар Османи. Амбасадата на Казахстан пак, официјално почна со работа оваа година во мај.

Меѓу двете земји постојат амбициозни планови за соработка, за која се смета дека би била поинтензивна со укинување на постојниот визен режим меѓу двете земји и поедноставување на административните процедури, како и зајакнување на правната заштита до пристап до поголеми пазари и можност за меѓународни бизниси.

Заменик министерот за надворешни работи на Казахстан Роман Василенко, прашан за потенцијалите на билатералната соработка со Скопје ќе посочи дека Казахстан досега во регионов има отворено амбасади со Србија, Хрватска, Словенија, а од оваа година и во Македонија, како и конзулат во Црна Гора.

Нашата перцепција е дека ова е регион во подем, со многу потенцијал. Некои земји се дел од ЕУ, некои се кандидати за членство и ние им посакуваме среќа на тој пат. Ние гледаме потенцијал во трговијата, рударството, земјоделството и во фармацевтската индустрија. Македонската компанија Алкалоид порано оваа година отвори свое претставништво овде. Мислиме дека нашите односи со овие земји во кои само што ги отворивме нашите амбасади беа некако заспани и сега повторно ги будиме. Во наредниот период ќе видиме повеќе посети, повеќе трговија и повеќе контакти меѓу луѓето, вели Василенко.

Инаку, во однос на трговската размена меѓу двете земји, според Заводот за статистика увозот од Казахстан само за првите седум месеци за 2024 година е 7.764.981 евра и е зголемена споредбено со 2023 за 2.227.472 евра, а извозот од Македонија за Казахстан во првите седум месеци е 261.033 евра.

Казахстан и Македонија планираат наскоро да организираат бизнис форум во Скопје, на кој се очекува присуство на казахстански компании од различни сектори и потенцијални македонски компании.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.