Претседателката на Уставниот суд Добрила Кацарска остварила работна средба со Џилијан Стирк, шефица на Mисијата за набљудување на изборите за претседател на Републиката и пратеници во Собранието при ОБСЕ/ОДИХР.

-Претседателката Кацарска ја информираше Стирк дека Уставниот суд нема надлежност директно да одлучува за изборниот процес, но согласно Уставот, може да одлучува за уставноста на Изборниот законик, односно уставноста и законитоста на друг пропис кој уредува прашања поврзани со изборите, се наведува во соопштението од Судот.

Покрај ова, како што се посочува во соопштението, Судот може да одлучува и за барања поднесени од граѓаните за заштита на слободите и правата утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот, доколку некое од овие слободи и права им се повредени при спроведувањето на изборите.

Како конкретен пример, претседателката на Уставниот суд, го посочила неодамна оформениот предмет за оценување на уставноста и законитоста на Упатството за радиодифузерите за претседателските и парламентарните избори 2024, по повод поднесената иницијатива на независниот претседателски кандидат Билјана Ванковска-Цветковска и политичката партија „Левица”.

На средбата  Кацарска била информирана за тековните и планираните активности на Мисијата, поврзани со претстојните избори.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.