Вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска во интервјуто за Топ Тема наведе дека лично смета како обвинителот Јовевски не заслужил унапредување во Уставниот суд.

-Тоа е мое лично мислење, но не сметам дека треба да биде уставен судија. Затоа што, она што требаше да го направи како Републички јавен обвинител, не го постигна на таа позиција и не гледам причина зошто понатаму би имал можност да продолжи со кариерата како уставен судија, рече Славица Грковска, потпретседателка на владата задолжена за политики на добро владеење, во интервју за ТОП Тема на Телма.

Обвинителот Љубомир Јовески смета дека вицепремиерката се вмешала во ингеренциите на Собранието, кое предлага уставни судии.

Со нејзините навидум лични искажувања директно се меша и ја загрозува самостојноста на обвинителството, тврди Јовевски и бара пренамена на парите издвоени за кабинетот на вицепремиерката.

Можеби и мое лично мислење е дека ќе биде подобро и поцелисходно доколку издвоените финансиски средства за функционирање на Кабинетот задолжен за политики за добро владеење се искористат за поефикасна борба против корупцијата, наместо да се трошат за дебати и конференции со занемарлив ефект, но како носител на функцијата Јавен обвинител немам право јавно да ја промовирам оваа лична теза, бидејќи Владата сметала дека е потребно вакво тело, стои во реакцијата на Јовевски, објавена на веб сајт на обвинителството.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.