Сојузот на средношколци денеска во Собранието ќе поднесе Предлог за измени и дополнување на Законот за средно образование, во членот што се однесува на правото на превоз на учениците, со кој бараат бесплатниот превоз да важи и за средношколците од приватните училишта и за учениците со попреченост од државните училишта.
Претседателот на Сојузот, Лука Павиќевиќ соопшти дека се работи за околу две илјади од вкупно 71 илјада средношколци во државава и информираше за сите активности што ги презеле во остварувањето на оваа цел во изминатата година, вклучително и средби со градоначалничката на Скопје Данела Арсовска и вицепремиерката Славица Грковска, како и со претставници на Клубот на млади пратеници.
Тој рече дека Предлогот за измени на Законот ќе го достават до сите пратенички групи и очекува пратениците да го поддржат. Предлогот не се однесува само на приватните училишта, туку со него се бара бесплатниот превоз да важи и за средношколците со посебни образовни потреби сместени во државните домови, како за учениците што живеат на помалку од два и пол километри од училиштето.
Исто така, со предлогот се бара јавниот превоз да биде бесплатен и на лето зашто учениците од државните стручни училишта имаат феријална пракса за време на летниот и на зимскиот распуст.
Според сегашниот закон, иако одат на пракса да работат како дел од дуалното образование, тие својот превоз го плаќаат, рече Павиќевиќ.
Измените што ги предлагаат, додаде, се ажурирани и креирани со тоа што се внесени сите конструктивни забелешки од претставници со кои имале средба, и дека со предлогот правото на бесплатен превоз ќе стане универзално за средношколците.
Овој закон предвидува крај на дискриминацијата врз основа на растојанието од домот како и на типот на училиштето – државно или приватно. Понатаму, се обезбедува превоз и за учениците кои посетуваат феријална пракса за време на распустите, а се гарантираат и правата на учениците со попреченост. Законот овозможува превозот да стане праведен за сите средношколци во нашата земја, додаде претседателот на Сојузот на средношколци.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.