„Со францускиот предлог власта ја извлекла државава од балканскиот вител и ја поставила на патот на европеизацијата. Ако не ми го кажеше ова ‘северномакедонскиот’ министер за надворешни работи, сѐ уште ќе бев во заблуда дека длабоко сме забраздени во балканскиот вител на историјата и идентитетското обезличување. Арачиново дополнително ми потврди дека европските вредности секогаш биле и се дел од нашата култура.“ – вели универзитетскиот професор Звонимир Јанкуловски на иронично-подбивен начин во својата колумна со наслов „Не може да умре власта, во која успеваат неспособните и корумпираните“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.

Покрај другото, Јанкуловски пишува: „Затоа треба да ѝ се верува на власта. Дури и тогаш кога здравиот разум ви кажува дека во оваа разногласие-бркотница од гласови за европската иднина на Македонија и улогата на францускиот предлог гледате сѐ подлабока поделеност во општеството, национално обезличување и безизлезност. Она што е за нас безизлезност, тоа е можност за оваа власт. Она што е за нас историско, културно и јазично обезличување, за власта е решение на историското македонско прашање.“

„Никако не успеваме да ја видиме таа визија за иднината, ние, на кои им ‘нема спас’. Тешко е да се разберат успешните постигања на Владата, кога медиумите и научните анализи за политиката и управувањето се преполни со извештаи за промашувања и неуспеси. Силните критики за скандали, неспособност и корумпираност на власта се секојдневие во ‘нивната’ држава, кои укажуваат на неуспехот на политиката на секое поле, но најмногу на надворешнополитички план.“

„Влада, која што е свртена кон иднината и чиј пат е поставен од други, не се тревожи премногу за мислењето на рајата. Не ја спречува да владее тоа што мнозинството ‘заблуден’ и ‘необразован’ народ не ѝ верува. Тоа што народот ја доживува власта како наметлива, неспособна, сервилна, расипничка и корумпирана не е доволно да ја натера да владее одговорно во партнерство со народот.“

„Оваа власт никогаш и не била на народот, од народот, за народот. Оваа власт е марионета на нашите стратегиски партнери. Затоа не потклекна пред петициите, писмата и коментарите на академскиот и интелектуалниот дел на македонското општество. Зарем ќе излезевме од балканскиот вител и ќе почнувавме безусловни , или ако дејствуваше како слуга на народот? Секако не. Никако не успеваме да ја разбереме државничката и историска димензија на нивното владеење. Не може да умре онаа власт, во која успеваат неспособните и корумпираните. Никако на избори.“

„Избори не смее да има, зашто оваа власт има неограничен капацитет за лошо владеење. Зарем власта треба да дозволи гласање, што ќе го смени курсот на нашата иднина? Не се важни неспособноста на Владата и политичката парализа, како и широкораспространетата недоверба на јавноста. Не смеат граѓаните да добијат шанса да ги обликуваат судбината своја и на државата. Тоа не е државен, туку партиски интерес. Ерес е да барате избори денес, кога власта може и повеќе и полошо.“



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.