Просветните работници овој месец ќе добијат плата поголема за 5%, што е резултат на договорот на Владата и СОНК за континуиран раст на нивните приходи во следните 4 години во износ кој ќе зависи од висината на инфлацијата, рече министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска во Собранието, одговарајќи на прашање од пратеничката Јованка Тренчевска.

Постигнавме договор за покачување на платите во оваа година, согласно можностите кои се создадоа во буџетот. Да не беа заостанатите долгови кои ги остави претходната Влада, зголемувањето ќе беше поголемо. Но, за жал, недостигаа 1,5 милијарди денари за исплата на плати на вработените во високото образование. Недостигаа 900 милиони денари за исплата на плати во основното и средното образование и ние приоритетно моравме да ги обезбедиме“, рече Јаневска, додавајќи дека не беа исплатени ниту многу права од областа на ученичкиот и студентскиот стандард.

Министерката додаде дека наставниците се задоволни што во февруари ќе се потпише договор според кој нивните плати загарантирано ќе растат секоја година, во зависност од инфлацијата.

Наставниците се задоволни од односот на новата Влада. Претходната ја третираа како власт која владее, а сегашната како Влада со мандат за работа, соработка и остварување резултати“, реплицираше министерката Јаневска, додавајќи дека во изминатите четири месеци немаше штрајк на наставници, туку само еден обид на СДСМ да штрајкува во нивно име, собирајќи педесеттина партиски членови пред МОН, на чело со нивниот лидер.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.