На првиот училиштен ден, идниот понеделник, учениците ќе ги добијат учебниците. На овој начин ја прекинуваме лошата практика на одредени министри од минатото кои ниту водеа грижа за навремена достава на учебници, ниту да има учебници, изјави министерката за образование и наука Весна Јаневска.

Повтори дека учебници ќе нема само за странските јазици и дека законски не може, рече, „ниту да го прекине тендерот што е почнат за нив, ниту да распише нов додека не заврши правната процедура“.

Во однос на средното образование, соопшти дека за гимназиите се обезбедени учебници – онолку колку што побарале за годината, толку им се доставува.  Дистрибуцијата е во тек и се очекува да заврши до недела.

-Гимназиското ќе има учебници, и за странски јазици. За средно стручно првпат печатиме над 164 наслови кои учениците никогаш ги немале. И продолжуваме со одобрување на други учебници, како ќе заврши процедурата на одобрување, така ќе продолжиме со печатење и ќе ги доставуваме во текот на годината,  рече Јаневска по посетата на ОУ „Љубен Лапе“ во општина Аеродром.

За училишта во кои има услови за едносменска настава анализата досега опфатила 142. Во 124 настава во една смена ќе има во оваа учебна година, дел од тие училишта и претходно работеле едносменски.

-Следната година очекувам цели општини, како на пример Кавадарци, и со инвестиции од општината, а се разбира и од МОН, исто така во сите училишта во Кавадарци да почне. Со тек на време тој број се повеќе ќе се зголемува, рече министерката.

Во однос на анализата на просторни услови во училиштата и префрлување на мал број ученици од подрачни во централни училишта, соопшти дека оптимизацијата е веќе направена во десет општини и децата се префрлени во централни училишта, како што рече, без да има последици за кадарот, а во тек е  анализа за оптимизација во дополнителни 20 општини.  Почнато е со општини каде што треба помалку училишта да се оптимизираат, но во некои, како Аеродром на пример, не може да се прави оптимизација туку треба да се градат училишта.

– Во десет општини е завршена и стапи во сила оваа година, а во 20 општини се прави оптимизацијата… Бројот на ученици е различен секоја година поради иселување и намалување на нивниот број и затоа забрзано ја правиме анализата за оваа година. Ќе продолжиме со оптимизација за децата да може да се социјализираат, да имаат подобри услови на настава… Како Влада направивме план – едносменската настава и целодневната настава е, всушност, план наставниците да не губат работа, туку  тие наставници да работат со учениците во подолг период за учениците да добијат ефект од нивната работа, додаде Јаневска.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.