Министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска денеска оствари средба со новоакредитираниот амбасадор на Делегацијата на Европската унија, Н.Е. Михалис Рокас.

Посакувајќи му успешен мандат, министерката Јаневска се заблагодари на амбасадорот Рокас за континуираната поддршка на ЕУ во процесот на реформирање на националниот образовен систем. На средбата, таа ги претстави тековните активности и планот за поквалитетно образование на сите нивоа.

–Стремежот за полноправно членство во Европската Унија продолжува да биде важен општествен стимул и значаен фактор на кохезија за македонските граѓани, кои пак, од нас како Влада очекуваат современо и модерно образование. Истрајни сме во определбата да ги реализираме промените кои ги претставивме на почетокот на нашиот мандат. Оптимизам и решителност постои, а соработката со Европската унија е од суштинско значење за остварување на зацртаната цел, рече Јаневска на средбата.

Евроамбасадорот укажа на подготвеноста на ЕУ и понатаму да биде посветен партнер на државата во градењето современ образовен систем, кој ќе образува европски
граѓани.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.