Секогаш постои простор за унапредување на системската поддршка и грижата за менталното здравје на учениците. Секоја генерација има свои предизвици во училиштето и надвор од него. Дел од нив во минатото не биле познати, па оттука и механизмот кој треба да понуди помош, мора да се адаптира и да одговара на новото време.

Ова го истакна министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска на конференција посветена на грижата за менталното здравје на учениците, во организација на Здружението на граѓани „Младите можат“, на која беше презентиран и документ за јавни политики насловен „Твоја приказна, наша поддршка“.

Државата обезбедува поддршка за учениците, за превенирање и справување со менталните здравствени проблеми. Имаме Програма за психосоцијална помош и поддршка во унапредување на добросостојбата и менталното здравје на децата во основните и средните училишта. Во училиштата има стручни тимови од психолози и педагози, кои заедно со наставниците посетуваат континуирани обуки на темата. Самите училишта имаат годишна програма за работа во која предвидуваат активности посветени на менталното здравје на учениците, рече Јаневска, додавајќи дека и Педагошката служба во склоп на министерството постапува согласно своите надлежности, со советувања на ученици, родители и наставници.

„Од почеток на учебната година имаме 6 електронски пријави за врсничко насилство и по истите се постапува. Добро е што се прекршува тишината, што се пријавува, за да можеме да спречиме ширење и крајно негативни последици. Комуникацијата со јавноста и со граѓанскиот сектор, ни е особено значајна. Правилниот раст и развој на младите, градењето на ментално снажни генерации е наша заедничка обврска“, рече министерката.

Јаневска потсети дека во моментов министерството води јавна дебата за неколку нови законски решенија, меѓу кои и за законите за основно и за средно образование. Ја повика пошироката јавност да ги разгледа и како што рече, меѓудругото да дадеме заеднички придонес и за подобра регулатива која ќе овозможи поголема и правилна психосоцијална поддршка за учениците.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.