За прв пат во историјата на независна Македонија ниту еден член на фамилијата на Методија Андонов Ченто не доби покана од Претседателот на Собранието, Претседателот на Владата и Претседателот на Република Македонија за да учествува во една од централните манифестации организирани од било кој од трите институции, пишува Јане Ченто во текст објавен на „Денешен.мк“.

Неговиот текст го пренесуваме во продолжение:

За прв пат од кога е поставен споменикот на Ченто во центарот на Скопје ниту една од тие три институции, претседател на Влада, претседател на Собранието или претседател на Републиката, НЕ НАПРАВИ манифестација пред неговиот споменик.

Мене а претпоставувам и на другите им е јасно зошто е тоа така.

Во нивните говори ќе чуете дека Гоце, Јане, Кузман и Ченто се бореле за некаква си европска Македонија, дека се бореле за НАТО и не знам што уште не, а тие луѓе се бореле прво автономна Македонија, за слободна Македонија, за независна Македонија за Македонија во која МАКЕДОНЦИТЕ ќе имаат полна национална слобода и своја држава и ќе говорат на својот мајчин македонски јазик.

Имено создавањето на македонската држава одеше вака: „ ….Со седницата заседаваше Методија Андонов-Ченто, како Претседател на Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ, а подоцна и на Президиумот на АСНОМ.

Ченто ја почна седницата со зборовите:

„Сега градиме македонска држава и ќе ја изградиме”, а потоа постави реторичко прашање: „А како ќе се вика таа држава?” и одговори: „Разбира се – Македонија. Дали некој има подруго мислење?” Сите одобруваа.

За жал денес не само што некои се обидуваат да ја ретушираат историјата во Уставот на Македонија каде АСНОМ доби ист аршин со Рамковниот договор, туку се обидуваат и да ги бришат полека од сеќавање кај македонскиот народ големите Македонци кои го дале својот живот за Македонија.

Денес не само што тоа го прават туку и внуците, правнуците на тие големи Македонци што имаат идеја за таква АСНОМСКА Македонија ги затвораат по затвори со долги години казна само затоа што се спротивставиле на погубните и предавнички политики.

Се уништуваат фамилии кои имаат патриотски корен и кои НЕ ПОПУШТААТ пред нивните предавства.

Овој пост не сакав да го пишам на нашиот голем празник Илинден од причина што сакав тој ден да им дадеме почит на нашите херои кои загинале за идејата за слободна Македонија, но затоа решив да го пишам денес за да знае македонскиот народ и историјата што прават во позадина „големите“ европјеци од Македонија во кои полна им е устата со ЕВРОПА и владеење на правото, додека едно зборуваат за обединување и помирување од друга страна ги уништуват сите што се против нивните луди идеја за некаква си хибридна северна и некаква хибридна нација во која нема Македонци.

Еден ден ќе изгрее сонцето на слободата.

Државата ќе си ја вратиме во рацете на својот македонски народ кој плати со многу крв за да имаме сопствена македонска држава со име Република Македонија.

Да живее Република Македонија!



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.